Сања е самохрана мајка со своја фарма во с. Четирце: „Мотив за бизнисот ми беше мајка ми да не се смрзнува продавајќи на пазар“
Дали сама работиш или имаш помош? Како изгледа еден просечен работен ден на фармата?
Не, не работам сè сама. Делот достава, организација на нарачки, Инстаграм и Фејсбук профилите, сè тоа го правам сама, како и подготовка на путери, еклери и што ли уште не.
Останатиот дел одгледувањето на кокошките и свињите, собирање јајца и пакување го прават мајка ми и татко ми.
Делегирање на обврски е многу важно за секој бизнис ако сака да оди во нагорна линија.
Дали живееш во селото Четирце? Дали и зошто е подобар животот на село отколку во град? Дали мислиш дека твојата ќерка има подобро детство на село отколку во град?
Да, живееме сите во најубавото село во Македонија, село Четирце.
Ќе ви споделам една случка која ми се случи кога требав да ја запишувам Анастасија во градинка.
Нели се прибираат документи со разни испитувања потребни за упис во градинка. Ние ги собравме сите со Анастасија и ги однесов во администрација.
Госпоѓата којашто беше вработена гледаше едно 5 минути со неверување во резултатите. Прашањето ѝ беше: „Добро, со што го храните оваа дете??? Вакви резултати немам видено последните 10 години“.
Тоа е мојот одговор колку е добро и здраво да се живее во село и колку Анастасија е полна со знаење и искуство што верувајте не се учи во школо.
Затоа, во најбрзо време ќе им овозможиме на сите оние кои сакат да дојдат и да нè посетат на фармата, да вкусат од нашата храна и барем на неколку часа да се вратат во времето кога сè беше прекрасно.
Моментално, кој ти е најголемиот предизвик како самохрана мајка, кои се твоите најголеми стравови во врска со ќерката, но и бизнисот?
Најголемиот предизвик како самохрана мајка ми е секој ден да си имаме зготвено ручек и сите заедно да си јадеме бидејќи сите многу работиме, а Анастасија е дете кое е навикнато на готвена храна.
Можеби ова за некој е смешно, но за мене и тоа како е важно бидејќи од маса и семејство на ручек потекнуваат многу вредности кои ние си ги негуваме.
А, во однос на бизнисот, засега ми е да го остварам проектот за кој ви спомнав погоре. Но, со верба во Господ и напорна работа, верувам дека и тоа ќе успеам да го завршам.
За што најмногу се гордееш во животот и зошто?
Најголема гордост е мојата Анастасија, па 10 места празно и сè останато…
Што научи за себе од целото искуство како самохрана мајка и жена со свој бизнис?
Научив дека жената кога ќе се самозапознае и кога ќе сфати колку е силна, не постои бариера во животот што не може да ја скокне.
Што би им порачала на другите самохрани мајки и жени кои се во слична положба како што беше ти?
Жени, мајки, само слушајте го гласчето во вас, тоа само ви ја зборува вистината. Интуицијата е чудна работа што мене ме донесе на едно поинакво ниво.
Верувајте само во себе, оставете ја околината и сите да се против нас, имаме за кого да живееме, ги имаме нашите ангелчиња во раце.
Зарем на овој свет постои нешто посилно од една мајка која во една рака држи куфер, а во друга рака држи дете?! Ве гушкам!