Дијана (30) од Тетово живее во Германија: „Сите пластични играчки на синот (2) ги заменив со дрвени, заедно готвиме, а надвор сме и на снег и на кал“
Колку е важна работата со детето? Колку неуспешни обиди има додека да направи одредена активност и каков е вашиот пристап во тој случај?
Мислам дека работата со детето е од исклучителна важност, а и тврдам дека играчките со кои детето игра имаат исто така огромно влијание врз неговиот развој.
Што се однесува до неуспешните обиди мислам дека од особена важност е набљудувањето на детето и вистинското време на реакција.
А тоа значи интервенција од страна на родителот пред да настапи фрустрација и откажување.
Јас се водам по познатата реченица на д-р Марија Монтесори, а тоа е „Помогни ми да го направам тоа сам!“.
Па затоа интервенирам кога тоа е потребно, со претходно прашување дали му е потребна мојата помош и со минимално помагање.
Како се справувате со долгите патувања во автомобил или авион? Како го занимавате и дали секогаш е тоа успешно? Што правите ако не е заинтересиран за игра? Сте паднале ли некогаш во искушение и барем накратко да му покажете телефон?
Телефонот ни е секогаш последна опција и до сега не сме имале потреба од него. На долги патувања одиме со претходно подготвени активности и досега тоа функционираше одлично.
Последното патување ни беше баш предизвик бидејќи се работеше за повеќе од 20 часа во автомобил, но гордо можам да кажам дека возможно е да се оствари и без екран.
Се има случено да нема интерес за некоја игра, но бидејќи има голем избор на подготвени активности за во автомобил досега тоа никогаш и не било некој голем проблем.
Се има случено да му пуштам 2-3 видеа на YouTube и тоа најчесто го правам од љубопитност и со цел да го анализирам неговото однесување.
Колку често сте надвор? Како изгледаат вашите активности во природа?
Секој ден сме надвор, за викенд дури и цел ден или двапати во денот. И двајцата ги сакаме активностите во природа и тоа најчесто го правиме сами, бидејќи само во тој случај е сконцентриран на тоа што го правиме.
Најчесто собираме различни предмети од надвор, а потоа ги користиме за игри дома. Тоа се собирање камчиња, листови, цветови, шишарки и гранки.
Дали излегувате на секакви временски услови? Му дозволувате ли да се валка во кал, снег, вода и сл.?
Излегуваме дури и на дожд, а и на -10 степени. Со соодветна облека му дозволуваме да игра во вода и кал и многу поважно од тоа дали ќе се извалка ни е тоа што тоа е неговото детство и нормално е да сака да седне на земјата и да фрла камчиња во вода.
Тоа често знае да води кон осудување од другите, но според мене подобро е извалкано дете во кал, отколку чисто дете пред екран и не постои нешто што може да ми го промени ова мислење.
Кои активности му се омилени? Колку време најдолго му се задржува внимание со игрите?
Омилени му се сензорните таблети и сложувалките. А колку долго се задржува на една игра зависи од играта.
Ако тоа е нова и непозната активност тогаш му треба време да ја совлада и фокусот и концентрацијата му трае додека не успее во тоа што го замислил.
Многу е упорен и секогаш сака да го заврши тоа што го почнал.
Предноста на Монтесори методата е тоа што на детето му се ставени ограничен број на играчки на располагање на ниска и отворена комода и тоа самостојно бира со што сака да игра.
Кога завршува со една активност, автоматски оди кон друга и така во круг. Ова е процес кој се тренира и во кој е вложен многу труд и време, но секој ден сè повеќе гледам колку вреди.
Колку е лесно/тешко да се расте дете со ваков пристап на родителство? Сите тие домашно смислени игри и активности, колку време одзема тоа?
Мислам дека родителството само по себе е тешко и за кој и пристап да се одлучиме, ќе доживееме моменти на неуспех и преиспитување на себе како родител.
Јас на овој наш пристап гледам како на олесување на секојдневието.
Подготвувањето на активностите не одзема многу време и е остварливо, бидејќи многу од активностите може да се направат и во присуство на детето.
Од свое лично искуство тврдам дека е возможно и кога родителите работат, потребна е само желба и организација.
Со какви предизвици се соочувате кога се враќате во Македонија од аспект на детето, воспитувањето, луѓето и различниот начин на размислување во околината итн. ?
Тоа е еден голем предизвик на кој сме секогаш спремни бидејќи се работи за многу кратко време. Со оглед на тоа дека се работи за големи разлики и сосема различен пристап од оној кој им е познат на нашите родители, сепак тие ги почитуваат нашите одлуки и се приспособуваат.
А од друга страна пак нормално е детето да има поинакви услови, граници и правила кога е во друго опкружување и кога не е со мама и тато.
Погледнете повеќе фотографии:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело