Таско за татковството: „Најстресно ми беше кога Лукијан првпат се разболе“
- Детали
- петок, 01 март 2024
„Првиот момент кога го видов Лукијан, тој беше стар дури цели 2 минути. Низ мене помина некоја енергија којашто не можам до ден денес да ја опишам. Јас од почеток сум инволвиран во сите обврски - менување пелени, бањање, заспивање“, вели Таско, кој пред осум месеци стана татко.
Македонскиот музичар Христијан Тасковски - Таско на 22 јуни 2023 стана татко. Неговата сопруга Наташа роди син, кому му дадоа интересно и уникатно име, Лукијан.
Иако Лукијан е уште мал, Таско вели дека засега одлично се снаоѓа со синот.
Му пее, си играат заедно, често одат на прошетка само татко и син, а Таско знае да објави и по некоја фотографија и видео од времето кое го поминуваат заедно.
И покрај тоа, тој вели дека најмногу ужива кога синот ќе го погледне и само ќе му се насмее.
За првите предизвици како родител, но и за најубавите и најстресни моменти поврзани со синот, Таско ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат го виде синот? Беше ли присутен кога се породуваше Наташа?
Секако дека се сеќавам. Првиот момент кога го видов беше стар дури цели 2 минути. Низ мене помина некоја енергија којашто не можам до ден денес да ја опишам.
Лукијан се роди во 02:25, јас си одев накај дома околу 3:15. Памтам дека ја слушав од Lion King песната Circle Of Life и возев по празни улици.
Инаку, не бев присутен на породувањето поради тоа што беше со царски рез.
Колку ѝ помагаш на Таша во обврските? Стануваш ли ноќе за да го заспиеш, да смениш пелена? Дали си го нахранил или сѐ уште само цица?
Уште од самиот старт бев инволвиран во сите обврски, како менување пелени, бањање, заспивање и слично.
И сега се договараме со Таша кој ќе ја води ноќната смена, и се надополнуваме во тој поглед.
Битно е дека Лукијан не е гладен, жеден и ненаспан во ниеден момент.