Роберт Спасенцовски - Џокер за татковството: „Се усовршив да сменам пелена за 6 секунди“
- Детали
- понеделник, 08 јануари 2024
„На Антониа ѝ помагам многу околу синот, нормално, тоа е и мое дете. Имаме пропусти и јас и таа, но мислам дека засега имаме доволно зрел пристап околу целата оваа нова ситуација“, вели Роберт Спасенцовски - Џокер, кој во јули 2023 го доби синот Киан.
Музичарот Роберт Спасенцовски, кој настапува под името Џокер, повеќе од половина година ужива во улогата на татко. Тој и Антониа Гиговска на 14 јули 2023 го добија синот Киан, кој стана центар на нивниот свет.
Роберт вели дека секој ден сè подобро се снаоѓа со бебето, до толку што се усовршил за само 6 секунди да му смени пелена на синот.
Но, тој не крие и дека работите не одат секогаш „по план“, особено кога ќе го преоблечат Киан, а тој веднаш потоа „ќе бљуцне“ (поврати млеко), или кога плаче пред спиење па не можат да го смират долго време.
„Се борам со плачот, но се навикнувам“, искрен е тој во разговор за CRNOBELO.com.
За тоа како се снаоѓа во улогата на татко, Џокер ни раскажа во интервјуто:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат го виде синот и што ѝ кажа во тој момент на Антониа?
Чувството е, искрено, неописливо, особено од моментот кога се роди, па додека дочекав да го земам во рацете.
Се сеќавам, на Антониа ѝ кажав ме направи најсреќен човек на светот.
Посакувам на секој да му се случи истото, бидејќи најголема суштина на животот е како што тебе некој ти подарил живот, така и ти да подариш некому.
Колку ѝ помагаш на сопругата околу синот: да се избања, преоблече? Менуваш ли некогаш пелени?
Помагам, нормално, тоа е и мое дете. А пелените ги усовршивме до степен да менувам скоро за помалку од 6 секунди ха, ха.
Мојата „смена“ е токму навечер.
Кој се снаоѓа подобро во родителските обврски - ти или Антониа?
Имаме пропусти и јас и таа, но мислам дека сега засега имаме доволно зрел пристап околу целата оваа нова ситуација со нашиот син. Сè е навика и рутина.
Дали му раскажуваш приказни иако е мал? И што му пееш?
Со приказни не сме почнале, но често знам да седнам на клавир, а тој врз мене, па си свириме, си пееме и делува дека е прилично заинтересиран.