Марија од Велес живее во Хамбург: „Се преселивме со другарка, Германците постојано ми бараат ајвар“
- Детали
- недела, 14 јануари 2024
„Неодамна гости ми побараа ајвар. За среќа имав. Па, сега има проблем кога ќе им кажам дека ќе си одам за Македонија бидејќи сите сакаат ајвар, но да бил домашен“, раскажува Марија од Велес за животот во Германија.
Во последниве седум години, германскиот град Хамбург е дом на 32-годишната Марија Лазовска од Велес. Во Хамбург се преселија заедно со својата најдобра другарка, а од јазикот знаела да каже само „здраво“ и „те сакам“.
За CRNOBELO.com Марија, која сега работи како водач на тим за регионална продажба, вели дека иако е лесно адаптибилна личност, сепак почетокот бил тежок, но олеснителна околност и е што целиот тој процес го поминала со нејзината најдобра другарка.
Во новиот дом и новиот град, таа вели дека има пријатели од целиот свет, иако се дружат и со нашинци и Балканци. Интересно е што сите странци во Германија ѝ бараат само ајвар и сирење.
Таа открива дека е задоволна од својот живот на германско тло, пред сè во поглед на здравствениот систем, заштитата на работниците и пензиското осигурување, а вели дека воопшто го нема она македонското „ќе се јавам на човек да ми заврши работа“.
Марија е и страстен патувач - нејзина цел за 2023 година била секој месец да посетува по една нова земја, а животот во Германија ѝ помогнал да ја исполни таа резолуција. Таа посетила 11 европски земји и Куба, како јаготка на шлагот.
Во интервју за CRNOBELO.com Марија раскажува за сите предности во Германија и за нејзиниот живот во Хамбург и за нејзиното патување во Куба.
Колку долго си во Германија, во кој град и зошто ја одбра оваа држава за твој нов дом?
Во 2017 година решив да направам и не толку мала животна промена и се преселив во Хамбург, Германија. Првпат дојдов тука како студент во 2016 година.
По одреден сплет на околности, решив да се вратам назад и еве веќе скоро 7 години живеам и работам тука.
Како се навикна на животот во Германија, што ти беше најтешко и најголем предизвик?
По природа сум доста адаптибилна и можам брзо да се снајдам во нова средина. Но, не би била искрена доколу речам дека беше лесно.
Дојдов заедно со најдобрата другарка и веројатно тоа беше огромна олеснителна околност. Уште од самиот почеток знаевме дека нема да е лесно, па секогаш кога имавме тешки моменти бевме тука една за друга.
Првата година беше доста тешка и сите тие предизвици ме научија како да се носам со тешкотиите за кои подоцна сфатив дека биле само дел од процесот.
Потоа ние две се запознавме со уште една девојка која веќе беше собрала повеќе искуство од нас бидејќи имаше можност да е таму една година пред нас, очекувано ни стана другарка и оттогаш трите сме неразделни. Луѓе има на секој чекор, ама човек тешко се наоѓа, а јас сум среќна и благодарна што ги имам моите тука, па животот е поубав.
Како течеше процесот на вадење документи и целиот процес на вработување?
Јас аплицирав преку агенција, истата која ни помогна и во 2016 година да дојдеме и да работиме како студенти 3 месеци во Германија.
Чекав приближно 7 до 8 месеци за термин во амбасада, a визата ја добив за помалку од 24 часа. Гледајќи назад кон целиот процес, би рекла дека беше доста лесно во споредба со процесот денес за кој слушнав дека е доста макотрпен.
За мене германскиот јазик е многу тежок, иако го имам учено. Kако ти се снајде со јазикот? Дали учеше пред преселбата или таму?
Во право сте, јазикот воопшто не е лесен. Но, сметам дека си има своја убавина.
Јас отидов со „Здраво“ и „Те сакам“. Тоа беше сè, иако често се шегуваа со мене дека можеби е доволно. Секако дека не беше, па морав да се потрудам повеќе и да почнам да го учам.
Секојдневно го слушав насекаде околу мене, па со текот на времето почнав да разбирам по некоја реченица. Потоа решив дека е време за сериозна промена и со малку повеќе труд, успеав да положам тест за одредено ниво на познавање на јазикот, беше тоа некое средно ниво кое не е за потценување.
Денес иако го зборувам, верувам дека секогаш може подобро и сè уште се трудам да научам нешто ново. И да, секогаш се наоѓа по некој нов збор кој крие цела реченица за кој ви е потребна челична концентрација за да го изговорите приближно до она правилното.
Колку има Македонци во твојот град и дали често си правите македонски дружби?
Би рекла дека имам доволно познаници и пријатели од Македонија и општо од балканските земји. А, јас се дружам и со мој круг на блиски луѓе кои не се само од Македонија, туку од секоја страна на светот.
Пред одредено време организирав вечера и имав пријатели од Индија, Бразил, Ирска, Австралија, Канада, Мексико и Гватемала. Скоро цел ден бев заглавена во кујна, спремајќи и подготвувајќи различни специјалитети за гостите за на крај да ме прашаат дали имам од тој намазот за кој им бев зборувала на претходната дружба, чисто да го пробале само.
Не можеа да се сетат на името, но сфатив дека мислат на ајвар. За среќа имав и ајвар и сирење од Македонија. Сама си пресудив, бидејќи не сакаа ништо друго да јадат.
Па, сега имам проблем кога ќе кажам дека си одам за Македонија бидејќи сите сакаат ајвар, но да бил домашен. По некое време еден од нив ми кажа дека пробал да го направи дома сам, но не му бил ист вкусот, па ме тераше да барам оригинален рецепт од мајка ми.
Велат Германците се многу резервиран народ, не се многу пријателски настроени, какво е твоето искуство со нив, како пријатели и како колеги на работното место?
Секој со своето искуство. Јас имам доста позитивно искуство и сум супер задоволна од начинот на којшто тие функционираат.
Го почитувам и практикувам тој стил на работа, бидејќи имам подобра структура, знам што правам, прецизна сум во поглед на моите барања и очекувања и умеам да го менаџирам времето многу подобро од претходно.
Според мајка ми јас сум веќе „германизирана“.