Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич: „Не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Македонија, но и кој не е измамен од диви таксисти“
Раскажи ни некоја интересна случка со странски туристи во Македонија...
Повеќе има интересни случки со наши туристи.
На пример, иако сум напоменала повеќепати претходно и на самото тргнување, се случува да заборават патна исправа, а на граница да инсистираат да поминат со картичката од здравствено осигурување (хаха).
Се случува и пред патување, иако имаат програма и сè е објаснето, да мислат дека местото каде што одат е во Бугарија, а не во Србија итн...
Странските туристи се како „војници” кои се водат по програма и она што им го посочува водичот. Имав една случка кога гостинка од Израел беше дојдена специјално за да ја види Македонија и да ја најде куќата на нејзините прабаба и прадедо во Битола, па талкавме по сокаците додека не ја најдовме.
Никогаш нема да ја заборавам нејзината среќа во моментот кога стасавме до куќата, кога сликата која ја држеше во раката беше истата со онаа која ја виде пред неа, нејзините измешани чувства, среќата и солзите радосници и колку многу силно ме гушкаше од радост... Едноставно, овој момент и случка, вечно ќе ги паметам и ми е лично мене најдрагата.
Имало и случки да се изгубат туристи (во слободно време ), па од полиција да ме контактираат за да ги вратат до местото каде се чекаме, да побараат да одат во Кино (во Охрид), а во моментот да има детски фестивал и да се вратат пресреќни и воодушевени, кажувајќи колку им било преубаво, а ништо не разбрале што пееле дечињата.
Според твоето досегашно искуство, дали Македонија ги исполнува своите туристички капацитети?
Ќе бидам искрена, можеби на некој нема да му се допадне ова ако некогаш го прочита, а е директно или непосредно инволвиран во туризмот и има можност да направи промени – треба уште многу да се работи на повеќе елементи, за туризмот да е на врвно ниво.
Имаме капацитет, имаме кадар, но некои работи мора да почнат да се менуваат од корен. Да се зголеми инспекциската служба која нема да дозволи разгледи на странски групи без локален водич, да се „проретчи“ списокот на водичи и придружници од оние кои завршиле само курс и се стекнале со лиценци, да се воведе проверка на знаењето, да се вршат обуки на терен.
Капацитети имаме, со малку повеќе љубов, предаденост во работењето и стручност, Македонија може да биде на врвот на топ дестинации на Балканот, па зошто да не и во светот.
Според тебе, која би била совршената тура за странци низ Македонија: што мора се посети, да се вкуси, да се види?
Совршена за мене е секоја тура која ќе ги исполни очекувањата на барателот на турата, кога ќе се сработи истата со целосна посветеност и професионално и која ќе биде тура што ќе привлече и ќе привлекува нови туристи кои ќе посакаат да бидат дел од истата, по позитивно пренесено искуство од претходните туристи.
Македонија е идеална за создавање понуда на такви совршени тури за странци, мала држава сме, но со пребогата историја, природни убавини, а на одличен пат на развој се руралниот туризам и планинскиот туризам…
Не дека не постоеле и претходно овие видови туризам, но за да привлечеме туристи мора да се поработи на сè до најситен детал. Не се работи тука само за еднократна промоција, мора сето тоа да е издржано и она кое ќе се понуди – туристите и да го добијат, а сето тоа да е континуирано.
Во моментов работам на една таква тура т.е. неколку, кои ги опфаќаат источниот и западниот дел на Македонија, но и оние помалку познати места на туристичката мапа, вклопено заедно со вкусување на нашата богата традиционална кујна и нашите домашни винарии.
Покрај Скопје кој секогаш е во секое барање на странците, Охрид, Матка, Битола, археолошкото наоѓалиште Стоби и Хераклеа, Маврово… се само дел од она кое треба да се посети. Повторно ќе споменам, во зависност од побарувањето или по сугестија, ги препорачувам Берово, Штип, струмичкиот дел и она кое верувам дека наскоро ќе биде на списокот на желбите на секој странец, а тоа е Овче Поле и се она што нуди и крие во себе.
Кога ја претставувам Македонија, обично милувам да кажам Македонија е земја која мора да се доживее, а каде ќе се чувствувате како дома.
Искрено само жалам што многумина од самите жители на државата не се запознаени што сè имаме, интересот е многу мал и сè некако се сведува на посета на некој наш град, попатно некоја црква во истиот или околината (колку да се каже дека ја посетиле) и најголеми импресии потоа се споделуваат од посета на најпознатиот ресторан.
Се надевам ќе доживеам, да сум сведок, кога ова ќе се промени. Дотогаш, колку можам како и досега, ќе се заложувам и трудам за поинакви тури на домашнa почва и разгледи со поинаква смисла. Не мора да минуваме граници за да видиме нешта кои и кај нас ги има и се историски постари…
Колку земји имаш посетено досега?
Ги немам преброено никогаш досега, тоа пребројување ќе го оставам за моментот кога ќе ги пишувам мемоарите – кога ќе завршувам со кариерата како водич и придружник.
Секогаш имам нова дестинација, нов град, ново место кое ми е интересно. Списокот е долг, имам уште многу за посетување и искрено се надевам дека ќе успеам бар оние земји кои се на истата да ги посетам наскоро или бар некогаш.
Сакам да истражувам, сакам нови дестинации, да ја осознавам културата и начинот на живот во останатите држави. Секогаш се водам по мотото дека што повеќе патуваш и запознаваш култури, толку си побогат во душата.
Која земја сакаш да ја посетиш и зошто?
Холандија (си имам ветено дека ќе ги посетам истите места на кои била и мојата мајка, а за жал досега немав можност), Виетнам – ми делува волшебно, Бразил – ме потсетува на карневалот и фудбалот, Франција – сите дворци и замоци (ова патување е на списокот „оставам за понатаму”).
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива