Сашко Коцев: „Секој поминал низ фаза на врсничко насилство, кога детското задевање станува забава за едниот, а хорор за другиот“
- Детали
- вторник, 31 октомври 2023
„Родителите треба да разговараат со децата за врсничкото насилство и да ги упатуваат во работите. Детето е рефлексија на родителот. Потребни се долги, топли разговори, зашто со едно посочување нема да се смени ништо. Тоа е долготраен процес“, вели Сашко Коцев.
Актерот Сашко Коцев е едно од лицата на кампањата „Крени глас“ на „Макпетрол“, чија цел е да се стави крај на врсничкото насилство и да се зголеми свесноста, пред сè на младите, дека булингот и исмевањето носат страшни последици во иднината на децата.
Целта на општествено одговорната компанија „Макпетрол“ е преку едукативна кампања да укаже на важноста за оваа горлива тема, но и да понуди излез.
Коцев во кампањата ја раскажува приказната за Петар, момче кое потекнува од сиромашно семејство, носи стари и изветвени алишта и кое е мета на потсмев поради тоа.
Петар се повлекува во себе и бега од оние кои со прст покажуваат кон него.
Сашко со многу емоции ја раскажува оваа случка, за која вели дека можеби е вистинита, а можеби и не, но треба да допре до луѓето и да им ја развие емпатијата кон другите.
Во разговор за CRNOBELO.com, Коцев ни раскажа за својата вклученост во кампањата „Крени глас“:
Зошто реши да станеш дел од кампањата „Крени глас“?
Тоа е покана за соработка која ја прифатив без никакво размислување.
Дури се чудев зошто порано не се направила, па дури и зошто самиот не сум започнал ваква иницијатива.
Која е пораката што сакаш да ја испратиш со приказната за Петар? Дали таа допира до луѓето, имаш ли позитивни коментари, дали те контактираа луѓе кои се нашле во слична ситуација и успеале да ја надминат?
По стартот на кампањата имам многу коментари од знајни, а и незнајни луѓе кои ја поздравуваат, бидејќи на некој начин се пронашле во некоја од приказните.
Но, запрепастен сум од негативните коментари и оние кои буквално во кампања против насилство, прават насилство со навредливи пораки врз учесниците во самата кампања.
Ова се прави токму за нив, но очигледно е тешко да се променат и да го направат светот поубаво место.
Приказната за Петар која ја раскажуваш е приказна во која може да се пронајдат многумина. Дали е ова вистинска приказна од твоето детство, и ако да, дали си и денес во контакт со него, продолжи ли вашето пријателство?
Не е важно воопшто дали е тоа вистинска приказна, дали сум ја чул, кој е Петар, дали го знам, дали сум јас тој...
Важно е освестувањето!
Обично сите ги знаеме овие појави и аномалии, но некако тешко се менуваме или влијаеме на другите тоа да го сменат кај себе, дали свесно или несвесно.
Дали лично ти си бил жртва на врсничко насилство?
Секако дека секој поминал низ таква фаза во своето детство и страшното се случило кога тоа од некоја детска закачка или детско задевање ќе прерасне во забава за некого, а хорор за другиот.
Родителите се тие кои треба да разговараат со децата и да ги упатуваат во работите.
Детето е рефлексија на родителот.
А како би постапил како родител доколку твојата ќерка биде жртва на врсничко насилство?
Само разговор. И тоа со двете страни.
Долги, топли разговори, затоа што со едно посочување нема да се смени ништо.
Тоа е долготраен процес.
Погледнете го видеото од кампањата „Крени глас“ и приказната за Петар:
На страницата kreniglas.mk постои опција секој што бил жртва или имал искуство со булингот, анонимно да ја сподели својата приказна.
Крајно време е сите да кренеме глас!
A. J. | Црнобело