Анета Павловска, тениски судија: „Судев на Wimbledon, Новак секогаш нè поздравува, но забранета ни е дружба со тенисерите“
- Детали
- петок, 21 јули 2023
„На сите финалиња на Гренд слем турнирите има познати ликови и да бидам искрена, тоа ми е омилениот дел од работата. Па, често кога излегувам на терен гледам да не ми 'заскита' вниманието накај трибините или кон ложата. Ама човек не може да биде рамнодушен на Бред Пит, Дејвид Бекам или кога Даниел Крег, херојот од филмовите за Џејмс Бонд, седи на трибините“, вели Анета Павловска која оваа година судеше на Wimbledon и Roland-Garros.
Анета Павловска, сега Деспотоска, од Битола, го живее сонот на многумина – таа е тениски судија и веќе неколку години е присутна на најголемите тениски турнири во светот.
Кога е во Македонија, со сопругот Филип живеат во Скопје. Кога нема професионални ангажмани, често се на релација Македонија – Австралија, каде што живеел нејзиниот сопруг пред да се запознаат.
Анета (36) која по професија е дипломиран економист и маркетинг менаџер, за себе вели дека сепак е слободен уметник и голем авантурист.
Иако ракометот отсекогаш ѝ бил голема љубов, таа откако знае за себе игра тенис. Па така, во 2010 година, додека го гледала финалето на US Open, ги забележала тениските судии, се заинтересирала за нивната работа и по ова веќе немало враќање назад.
Денес, во нејзината биографија стои и дека судела на финалето на Roland-Garros 2023, во кое играа Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд, но и двете машки полуфиналиња на Wimbledon 2023, на Олимпијадата во Токио и на параолимпијадата во Рио де Жанеиро.
Анета и оваа година судеше на Wimbledon, па беше една од оние кои имаа можност одблизу да го видат Бред Пит на трибините, но и многуте светски ѕвезди кои седеа во ВИП ложите во Лондон.
„На сите финалиња на Гренд слем турнирите има познати ликови и да бидам искрена, тоа ми е омилениот дел од работата. Па, често кога излегувам на терен гледам да не ми 'заскита' вниманието накај трибините или кон ложата, туку да се сконцентрирам на работата. Ама човек не може да биде рамнодушен на Бред Пит, Дејвид Бекам или кога Даниел Крег, херојот од филмовите за Џејмс Бонд, седи на трибините. А тие сепак дошле да нè гледаат.
Низ годините многу суперхерои од филмовите, спортисти и славни личности биле на трибините, но јас морам да се однесувам одговорно и професионално. Ако сакам да се фотнам со некој од нив морам да ги 'бркам' на друга територија, а не на тенискиот терен.
Но, принцезата Кејт по доделувањето на пехарите секогаш доаѓа и се поздравува и разговара со тимот линиски судии на теренот. Тоа ми е една неостварена желба“, вели таа.
Својата интересна приказна, Анета ја сподели во интервју за CRNOBELO.com:
Дали отсекогаш си го сакала тенисот? Играше некогаш професионално тенис или тоа ти беше само како хоби?
Со тенискиот рекет се дружам од кога знам за себе. Порасната сум на тениски терен иако, да бидам искрена, ракометот ми беше голема љубов.
Но, знаете како е - татко ми е тренер по тенис, па некако природно беше и јас и брат ми Јованчо да се занимаваме со истиот.
Професионално тенис играв на ниво на Македонија до моментот кога татко ми како делегат на турнир судеше против мене, па решив да станам судија за да делам правда подобро од него.
Како се роди желбата да станеш тениски судија?
Желбата за судење ми се роди на US Open во 2010 година, кога првпат како гледач бев дел од публиката на натпреварот Ѓоковиќ - Федерер.
Тогаш Ѓоковиќ го победи Федерер, а јас првпат ги забележав судиите и нивната работа. Понесена од атмосферата, посакав да се најдам на терен.
Па, колку и да изгледаше тогаш невозможно и недостижно, еве ме денес.
Што сè е потребно за да станеш тениски судија?
За да станеш тениски судија потребна е волја и добар вид. И мора да сакаш динамичен начин на живот со многу патувања, но и откажани летови.
Потребно е и земјата од која доаѓаш да организира турнири за да можеш да полагаш курс на национално ниво, а со тек на време и со искуството стекнато од сработените турнири, да можеш да аплицираш во училиштето за интернационална значка што се организира двапати годишно на различни локации низ светот.
Со неа добиваш право да работиш како главен судија надвор од земјата. Јас мојата ја добив во Франција во 2016 година.
Која е разликата пoмеѓу линиски и главен судија? Колку е голема одговорноста на линиските судии и дали тие може да ја оспорат одлуката на главниот судија?
На еден натпревар од повисока категорија судат седум или девет линиски судии, а само еден главен.
Одговорноста се знае дека е поголема на главниот судија. Тој е „диригентот на оркестарот на терен“.
Линискиот судија е одговорен за делигираната линија на мечот (може секој меч да биде различна линија), а главниот за цела динамика на мечот и за сите одлуки генерално.
Но, добар судија, било линиски или главен, е оној кого никој не го забележува дека е на теренот.
Се сеќаваш ли на првиот натпревар што го судеше? Кој играше и каде беше тоа?
Еден од првите натпревари кои сум ги судела е токму во Скопје на домашен терен.
Нашата репрезентација играше Davis Cup, а на терен бевме заедно со татко ми и брат ми.
Тогаш првпат ги почуствував пеперутките во стомакот за оваа работа, па таа љубов сè уште трае.