Марија од Кичево живее во Романија: „Животот е поразличен кога имаш море на 10 минути оддалеченост“
- Детали
- четврток, 08 јуни 2023
„Донесов одлука да ја напуштам Македонија и да заминам во 'која било' држава која ќе ја искористам како 'отскочна штица' кон подобра иднина. Романија има рај буквално за секоја душа, зависи од индивидуалните желби и очекувања на секој посетител“ – вели за CRNOBELO.com Марија Станојоска, наша пијанистка, која по студиите во Романија, одлучила да остане и да работи таму.
Марија Станојоска (25) е млада Македонка со потекло од Кичево, која последните неколку години живее и работи во Романија. Таа во оваа земја заминала како студент, а денес и самата работи како професор по пијано и дава индивидуални часови на деца.
По завршувањето на основното образование во Кичево, Марија средното образование го продолжила во Битола, каде се стекнала со диплома за музички теоретичар.
„Битола беше градот каде што се чувствував како дома! Културата и модата беа првите работи што ми го одземаа здивот“ – вели за овој период од својот живот Марија.
Во интервју за CRNOBELO.com Марија откри дека обожава да фотографира, да слуша музика, да свири на пијано, да декорира, ги обожава утрата, но сака и да патува и да истражува нови држави, народи и култури, да ја проба нивната храна, да ужива со чаша добро вино и да се соживее со нивната музика.
Со неа разговаравме за тоа каков е животот во Романија и како воопшто одлучила да се пресели и да живее таму, што е она што најмногу ја импресионира и дали има нешто што не ѝ се допаѓа.
Проследете го интервјуто за CRNOBELO.com во целост:
Кога првпат отиде во Романија и што е она што те натера да одлучиш да останеш таму?
Во текот на крајната година во средно училиште, донесов одлука да ја напуштам Македонија и да заминам во „која било“ држава која ќе ја искористам како „отскочна штица“ кон подобра иднина.
Откако добро истражив и се информирав, ја одбрав Романија, која ми пружаше најмногу можности и прилики за почеток на еден пат, каде што можев да се изградам како личност.
Мојот сон започна од желбата да бидам диригент, која ја имав уште од најмала возраст.
Како град го избрав Констанца, најпрво бидејќи отсекогаш сакав да живеам покрај море. Бев примена на Универзитетот „Овидиус“ во Констанца, Романија каде што започнав со курсеви на Факултетот за уметност, смер Музика.
Првата година е почетна година која е предвидена за изучување на јазикот.
Многу голема улога и услови ми овозможи нашата македонска амбасада која секогаш е тука за нас, како странски студенти во оваа држава.
Што е она што најмногу те импресионира уште првиот пат кога стапна во Романија?
Најпрво бев импресионирана од тоа дека имав само неколку скалила за да стигнам на море, што значи, најмногу ме импресионира тоа што плажата беше на 5 минути од мојот дом, а Факултетот и предавањата со 2 ката подолу.
Бев воодушевена што утрата или заоѓањата на сонцето ќе ги поминувам на плажа покрај море.
Ме импресионира Романија, како држава, со тоа што конечно можев да отидам во театар за викенд и да слушам добра музика, да се качам во воз и да посетувам замоци, палати, музеи, стари градови… И токму тоа правев.
Времето ми дозволуваше да се запознам со повеќе од 70% дел од Романија.
Но, тука некаде се заврши прерано мојот „студентски живот“ уште во првата година бидејќи започнав со работа како професор по пијано во „Ателје за уметност“, но секако ги продолжив и моите студии истовремено.
Моментално го завршувам магистерскиот труд.
Не би можела да кажам дека тогаш започна љубовта кон деца и едукација, бидејќи ја имав отсекогаш.
Најпрво кога ја добив понудата, сè уште не бев спремна, беше премногу рано.
Чувствував потреба дека имам уште многу работи што треба јас да ги научам за да можам да го пренесам на друг моето знаење.
Јас овој предизвик го прифатив како едно платно на кое можам со радост да ги искажувам и пренесувам моите инспирации и идеи, а децата на кои им предавам ги гледам како мои соработници.
За брзо време формирав свој детски хор, бидејќи сметам дека големите успеси се достигнуваат почнувајќи со мали чекори, но по многу внимателно избран пат!
Скапа ли е Романија за живот?
Според мене, Романија не е воопшто скапа држава споредено со цените во нашите туристички градови, но разликите се доста драстични со оглед на тоа што во Романија никогаш нема да уживаш на ручек, полна маса од 9-10 порции, добро вино и амбиент со 60€ за 4 лица, како што тоа го можеш во Македонија.
И овде се поскапи туристичките градови како што е Констанца и познатите плажи на Црното Море и многу други локации и значајни места.
Како буџет за кирија, не може да се помине поевтино од 450 евра за студио.
Едно капучино е околу 220 денари, а еден коктел околу 450 денари.
Лесно ли се навикна на романската кујна? Кој специјалитет според тебе задолжително мора да се проба ако некогаш одиме во посета на Романија?
Романската кујна е многу слична на нашата! Нешто специјално се нивните чорби. Го обожавам нивниот стил на јадење бидејќи не седнуваат на маса без чорба. Секогаш имаат предјадење, главно јадење и десерт.
Имаат доста сличности со нашата традиционална кујна. Романците премногу си ја почитуваат својата традиција и обичаите.