Рукси Антиќ од Романија: „Љубовта ме доведе во Македонија, но тука започнав свој бизнис и оваа држава ми е дом“
- Детали
- сабота, 22 февруари 2025
„Љубовта ме донесе во Македонија. Поточно, мојот сопруг. Работев како стјуардеса и живеев во Будимпешта во тој период, чекајќи трансфер назад во Романија, кога го запознав овој шармантен човек кој ми ги промени плановите“, вели Рукси Антиќ од Романија.
Рукси Антиќ од Романија работела како стјуардеса сè додека не го запознала својот избраник Симон и во име на љубовта не се преселила во Македонија.
Во периодот кога се запознале таа поради работата живеела во Будимпешта, Унгарија.
Сега, вели дека Македонија ја чувствува како дом и тука отворила свој мал бизнис за декорации.
Рукси ја споделува својата приказна во интервју за CRNOBELO.com:
Што те донесе во Македонија и колку долго живееш тука?
Љубовта ме донесе во Македонија. Поточно, мојот сопруг.
Живеев во Будимпешта во тој период, чекајќи трансфер назад во Романија, кога го запознав овој шармантен човек кој ми ги промени плановите.
Дали беше тешко да се адаптираш на животот во Македонија во споредба со Романија?
Полесно беше отколку што очекував. Бидејќи Романија сепак е балканска земја, тука има исти јадења, познатата ракија и менталитетот ми дозволува да се чувствувам како дома.
Кој беше твојот прв впечаток за Македонија кога пристигна?
Искрено, бев многу импресионирана. Во Македонија природата е многу убава и луѓето се грижат за неа.
Има многу прекрасни места како кањонот Матка, Охридското Езеро, Колешинскиот Водопад, пештерата Слатински Извор и листата може да продолжи до недоглед.
Сакам да поминувам време во природа и да се поврзам со неа. Се разбира, кога времето тоа го дозволува.
Дали често ја посетуваш Романија и што ти недостасува најмногу?
За жал, не ја посетувам Романија толку често колку што би сакала, бидејќи нема директни летови и секогаш избираме патување со автомобил, што трае околу 8-9 часа во двата правци.
Сфатив дека нема нешто конкретно што ми недостасува, освен моите родители, брат ми и пријателите.
Кога тие доаѓаат, Македонија навистина ми изгледа како дом, исто како и Романија. Очигледно е точно што велат – луѓето го прават местото.
Кои се најголемите културолошки разлики помеѓу Романија и Македонија?
Би рекла јазикот. Бидејќи романскиот е под силно влијание од латинскиот, а македонскиот е многу словенски јазик, мислам дека азбуката ми беше најголем предизвик.
Сега, читам како осумгодишно дете.
Дали има некои македонски традиции што те изненадија?
Мојата омилена традиција е по Нова година, поточно за Бадник кога паричка се крие во лебот и некој среќен член на семејството ја наоѓа на својата чинија.
И ние го правевме ова, но оваа традиција со годините избледе во Романија.
Како реагираат Македонците кога ќе дознаат дека си Романка?
„Навистина? И зошто дојде тука?“... Оваа реакција секогаш ми е смешна затоа што младите генерации сакаат да ја напуштат земјата.
Јас разбирам дека има некои проблеми, но ние сме различни луѓе со различни визии.
Можеби некој сака големи градови полни со автомобили, и јас сакам големи градови, но повеќе преферирам помал град со кањон на само половина час возење.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





