Александра од Скопје: „Имаме одлични односи со поранешната сопруга на партнерот – заедно ги славиме родендените и си помагаме“
Дали сметате дека ваквиот тип на семејства креира поздрава средина за развој на децата, од општоприфатената норма за родители кои водат одвоен живот по разводот или разделбата?
Мислам дека сè зависи од пристапот, љубовта и посветеноста на родителите или партнерите.
Здрава средина за развој на децата се создава кога децата не се користат како средство за манипулација, како жртви, причина зошто возрасниот е несреќен или тема за постојана расправија и агресија.
Ова може да го има и во семејства кои не се разделени, не зависи само од форматот на семејството.
Од моето досегашно искуство, секако е подобро кога децата растат во заедница, но колку е таа здрава зависи од личностите кои се вклучени во неа.
Колку сметате дека Македонија е подготвена како средина за да се прифати ваков концепт на семејство?
Македонија има традиција на живеење во заедница, меѓутоа многу често во овие заедници доминира незрелост, се негуваат лажни вредности, луѓето не работат на индивидуалниот развиток и преземањето на лична одговорност, се случува преку семејството да се проектира одредена слика во општеството која не е вистинита, семејните членови се задушуваат едни со други.
„Пачворк семејство“ е алтернативна форма на заедница и бара многу труд, енергија и посветеност.
За прифаќањето на таков формат потребни се изградени личности, почитување на слободата на другиот и излегување од матрицата на: „како да бидам 'среќен/а' за да го задоволам туѓото размислување“.
Кои се главните предизвици со коишто се соочивте на почетокот на креирањето на ваквото семејство?
Координирањето на семејните потсистеми и нивните индивидуални вредности, правила и навики. Потребата од време за себе и своите проекти.
Желбите на децата да имаат 1 на 1 време со мене и мојот партнер.
Пронаоѓањето на сопствената улога во новата заедница. Желбата за негување на партнерството и негово балансирање во однос на различните родителски пристапи.
Кои се клучните карактеристики што според вас една личност треба да ги поседува за да може да прифати да живее во „пачворк семејство“?
Партнерите треба да се зрели и изградени личности, да можат отворено да разговараат и јасно да ги комуницираат своите потреби, граници и желби.
Дополнително на тоа, во пачворк семејството е уште понагласена потребата од надминувањето на традиционалните улоги на мажот и жената и кои се нивните обврски во семејството.
Кои се придобивките кога живеете во вакво семејство?
Постои голема грижа меѓу сите нас. Не сме совршени, знае да биде турбулентно, но во многу моменти си даваме поддршка и знаци на љубов.
Како семејство имаме поминато различни периоди. Многу мои креативни проекти се инспирирани од семејството.
Новиот мини прирачник „Конфети“ со вежби за колаборативно цртање помеѓу возрасен и дете, кој наскоро ќе почне да се продава преку Инстаграм профилот на „Концепт мама“, се случи токму од времето поминато во цртање со децата.
Во моментов како што очекуваме да ни пристигне четвртото дете, сè почесто знам да се заблагодарам за тоа што го имаме, за тоа колку разумно, но и грижливо ги наоѓаме начините еден кон друг.
Ние сме една интернационална, хаотична, шарена заедница која не припаѓа на стандардните семејства, меѓутоа го наоѓа автентично и индивидуално својот пат кон среќата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело