Ана од Скопје за патувањата во Будимпешта: „Најдобар период за посета е септември, цените се симболично повисоки од Скопје“
- Детали
- четврток, 19 јануари 2023
„Будимпешта нуди „многу“ – од знаменитости и музеи, па сè до богатиот избор на кулинарски специјалитети кои никого не оставаат рамнодушен. Крстарењето по реката Дунав претставува незаборавно искуство, a како најубав период за истражување на градот би го одбрала летниот период“ – вели во интервју за CRNOBELO.com, Ана Јаневска дипломиран туризмолог, која на Инстаграм редовно споделува фотографии од своите патувања.
Ана Јаневска е родена и живее во Скопје, а во мај минатата година го доби статусот на дипломиран туризмолог и во последните 2 години активно патува и ги споделува нејзините искуства на нејзиниот Инстаграм профил.
Ана досега посетила 13 европски држави, а Унгарија ја посетила 4 пати, во летен и зимски период.
Со Ана разговаравме за тоа кој е најдобриот период да се посети Будимпешта, што е она што можете да го очекувате од посетата на оваа метропола, но и што треба да знаете пред да ги спакувате куферите и да заминете во посета на овој град.
Во продолжение проследете го во целост интервјуто за CRNOBELO.com:
Дали патувањето во Будимпешта ги исполни твоите очекувања или те разочара?
Главниот град на Унгарија за мене има посебно место на списокот-омилени европски градови. Можеби тоа е така поради самата гостопримливост и духот на градот.
Претставува град што нуди „многу“, од знаменитости и музеи преку кои ќе патувате назад низ времето, природни богатства, па сè до богатиот избор на кулинарски специјалитети кои никого не оставаат рамнодушен.
Дефинитивно Будимпешта ги исполни моите очекувања.
Кога е подобро да се посети Будимпешта според тебе, во зима или во лето?
Секој период од годината си носи своја убавина. Во текот на зимскиот период во градот преовладува празничната атмосфера, каде познатите божиќни пазари привлекуваат голема бројка на туристи ширум светот.
Истото резултирало Будимпешта да го добие статусот за најдобар божиќен маркет во Европа за 2022 година.
Сепак, како најубав период за истражување на градот би го одбрала летниот период (конкретно како месец би го одвоила септември), пред сè поради можноста за полесно истражување на градот проследено со сончево и топло време.
Што беше она што најмногу ти остави впечаток за време на летната посета, а што за време на зимската?
Доброто време носи безброј активности во главниот град. Летниот фестивал во Будимпешта на пример, за време на целата летна сезона им нуди на туристите одлични забави на островот Маргарет.
Главниот град е исто така полн со плажи на отворено кои може да се посетат во текот на топлите денови. За време на зимската сезона пак, покрај атрактивноста на Божиќните маркети, тука се и познатите термални бањи по кои и самиот главен град е познат.
Што е она што тебе ти остави најголем впечаток и што ти сметаш дека мора да се посети во Будимпешта?
Будимпешта е една од оние метрополи кои успеваат да ви го одземат здивот секогаш кога ќе ја посетите.
Настрана од природната убавина долж реката Дунав, самата архитектура исто така придонесува за раскошот.
Од Кралската палата и Рибарскиот бастион, преку островот Маргарет и зградата на Парламентот, па сè до Плоштадот на хероите и термалните бањи Széchenyi, Будимпешта нуди голем број на природни и културни атракции кои се одлична причина за оваа метропола да биде во првите 10 најпосетени европски градови во 2022-ра година.