Ангела Велинова: „Лешница направи да се вљубам во планините, Кораб ме зајакна, а камчињата срциња ме инспирираат“
Ангела вели дека планината ја возвраќа љубовта...
„Дефинитивно планината ја возвраќа љубовта! Интересен момент од ова лето што ќе го паметам е посетата на Олимп во Грција – Домот на боговите, мистериозна и непредвидлива планина со грандиозни шуми, зеленило и неколку опасни врвови.
Пред секој завршеток од предвиденото искачување кое беше поделено во неколку делови наоѓав камчиња во форма на срце.
Со голем и тежок ранец на себе, уморна од топлото и нагорнините, преубаво е чувството кога во текот на движењето ќе пронајдеш камче срце. Те мотивира да не се откажеш и те бодри да продолжиш со голема љубов кон највисокиот врв во Грција.
Со секое најдено камче се насмевнуваш затоа што знаеш дека љубовта е заемна и тогаш кога не можеш да ја видиш. Од ова патување собрав четири срце камчиња.
Можеби врвот Митикас не го искачив поради стравот од карпи и висина, но затоа го освоив срцето на Зевс – вака се шегувавме со останатите планинари, страсни љубители на планините.
Но, приказната со камчињата не застана тука. Решена да се соочам со стравот од висина отидов да научам искачување на карпа во Демир Капија, каде повторно пред карпата за вежбање најдов камче срце.
На Голем Кораб најдов уште две такви камчиња, едното при самото одење како поттик да продолжам со движењето, а второто на самиот врв како признание за достигнувањето.
Камчиња во форма на срце ќе има сигурно уште многу, но пораката која ја испраќаат овие камчиња е дека љубовта е наоколу нас, само треба да дозволиме да ја почувствуваме.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело