Од Матка до Охридското Езеро – семејство со кајак ја истражува Македонија
- Детали
- четврток, 17 јуни 2021
„Обожаваме да кајакариме со моето семејство... На Охридското Езеро незаборавни беа посетата на Заливот на коските, црквата Свети Заум, Канео, а пак Беровското Езеро беше предизвик, зошто беше тешко пристапно и треба да се помачиш да најдеш место од каде што можеш да го спуштиш кајакот во вода“, раскажува Здравко Андоновски од Скопје.
Здравко Андоновски (40) е дипломиран социолог од Скопје кој работи како координатор за транспорт и логистика, но е огромен вљубеник во природата и секој слободен миг го користи за авантури и истражувања.
Периодов, заедно со неговата сопруга и ќеркичката, обожава да ги истражува убавините на Македонија со кајак.
За неговото ново хоби и за тоа како се вљубил во кајакот Здравко Андоновски раскажува за CRNOBELO.com:
„Како човек со авантуристички дух отсекогаш сум пробувал разни спортови, планинарење, планински велосипедизам, трчање, рафтинг меѓу кои посебен впечаток ми остави кајакарството.
Желбата за пловење отсекогаш постоела, па така уште пред десетина години на активен одмор со велосипед по хрватските острови за првпат видов дека постојат кајаци на надувување кои не зафаќаат простор, лесно се преносливи, брзо се подготвуваат за пуштање во вода и имаат релативно пристапна цена.
По повеќе години истражување и многу изгледани видеа дојде моментот да се реализира набавката на кајак на надувување со сите пропратни елементи (елеци, пумпа, весла).
Сопругата и ќерката одлично го прифатија кајакот и имаат голема желба да кајакарат. Го имам испробано и со пријатели и задоволството е големо и кај нив.
Оттогаш секој одмор или слободно време размислувам да биде покрај вода каде што ќе може да се плови со кајакот.
Досега имам кајакарено на Охридско Езеро, Беровското Езеро – кајакарење со кампување, Мавровско Езеро, Велешко Езеро, како и кајакарење по езерото Матка со посета на пештерата Врело.