Сања го посети Токио Дизниленд: „На аеродром нѐ услужи робот, а пар во 20-тите си ги донесе мечињата на појадок во хотелот“
- Детали
- вторник, 18 мај 2021
„Пуканките чинеа околу 300 денари за едно пакетче, еден хамбургер беше околу 500 денари итн. Една работа што ја забележав во Токио Дизниленд е тоа колку Јапонците се фанови на Дизни без разлика на возраста, имаше многу млади и повозрасни парови што шетаа околу паркот со нивните плишани мечиња“, раскажува Сања Спиридоновска.
Сања Спиридоновска (30) од Скопје има живеено низ повеќе земји во светот, меѓу кои и островите Маурициус и Туркс и Кајкос, а веќе извесен период живее во Јапонија. Нејзиниот сопруг моментално работи како ИТ Асистент Менаџер во познатиот американски тематски парк „Универзал Студио“.
Откако детално ни раскажа како изгледа животот во Јапонија, Сања ни ги пренесува искуствата од посетата на Дизниленд Токио.
Таа го пренесува нејзиното искуство оттаму за CRNOBELO.com:
„Минатата година за вториот роденден на ќерка ми решивме дека ако во 2021 година сме сѐ уште во Јапонија и имаме шанса да одиме во Disneyland дефинитивно ќе одиме за нејзиниот 3-ти роденден.
Така и се случи, некаде крајот на март 2021 беше тргната вонредната состојба во Токио, купивме карти за Disneyland, букиравме 3 ноќи во Hilton Tokyo Bay хотелот (кој е блиску до Disneyland). Се двоумевме малку каков превоз да користиме, дали да купиме карти за Шинкансен возот што оди до Токио, дали да купиме авионски карти или да одиме со автомобил.
Со Шинкансен возот од станицата Кобе (која е најблиску до нашиот град) до Токио е околу 2.5 часа, со авион е околу 1 час, а со автомобил 6 часа и 15 минути. На крај се решивме да одиме со авион, бидејќи авионските карти (43.440 јени = 334 евра ) беа поевтини од картите за со Шинкансен возот (58.000 јени = 446 евра). Ова беа вкупните цени за нас тројца.
Интересно беше што вработениот на аеродромот Ханеда беше робот. Работеше на пунктот за информации, прво мислевме дека не работи и е ставен само така, но кога сопругот се доближи, роботот го поздрави и го праша како може да му помогне. Беше баш забавно, а ќерка ми беше воодушевена кога го слушна роботот дека збори.
Картите за Дизниленд за возрасни се 8.200 јени = 63 евра, за деца над 4 години се 4.900 јени = 37 евра.
Планот ни беше дента кога ќе стигнеме во Токио, да останеме во хотелот, наредниот цел ден да го поминеме во Дизниленд, третиот ден да го посетиме центарот на Токио, а четвртиот ден да се вратиме дома.
Токио Дизниленд и хотелот се наоѓаат во градот Урајасу, префектурата на Чиба. Кога пристигнавме на аеродромот Ханеда во Токио, со автобус кој се движи на релација Ханеда - Дизниленд отидовме во хотелот. Автобуските карти нѐ чинеа околу 4.160 јени (1.976 денари).