Сања го посети Токио Дизниленд: „На аеродром нѐ услужи робот, а пар во 20-тите си ги донесе мечињата на појадок во хотелот“
Во градот Урајасу се наоѓа исто така Disney Sea, помеѓу сите овие атракции има возна линија на Дизни и бесплатен автобус кој на 15 - 20 минути застанува во секој хотел, главниот влез на Disneyland, главниот влез на Disney Sea, железничката станица на Урајасу и локалниот трговски центар.
Ова ни беше првпат да го посетиме Disneyland и бевме воодушевени сите, иако на крај едвај одевме, бидејќи паркот е огромен и е отворен од 09:00 - 22:00 и пешачевме цел ден. Поради ограничениот број на посетители немаше долги редови чекање на атракциите и возењата и имаше доволно простор меѓу луѓето во рестораните.
Храната во рестораните чини скоро исто како храна што може да се купи во рестораните низ Токио или низ трговските центри, имаше исто доста штандови со сладолед, пуканки и мали тортички. Пуканките чинеа околу 300 денари за едно пакетче, едно чуро е 350 јени = 165 денари, еден хамбургер беше околу 500 денари итн.
Една работа што ја забележав во Токио Дизниленд е тоа колку Јапонците се фанови на Дизни без разлика на возраста, имаше многу млади и повозрасни парови што шетаа околу паркот со нивните плишани мечиња, на една од парадите со Мини Маус имаше пар кој ги стави мечињата да седат во првиот ред и ги покри со ќебенце, ни беше малку чудно на почетокот, но после неколку вакви моменти што ги видовме, сфативме дека тоа за нив е сосема нормална работа.
Многу од повозрасните Јапонци во Дизниленд носеа посебни костуми, на пример Мики и Мини Маус или Winnie the Pooh...
Имаше и ситуација едно утро кога се симнавме на појадок во хотелот момче и девојка кои имаа околу 25-26 години, дојдоа на појадок со мечињата, ги седнаа со нив на маса на посебни столчиња и им донесоа садови полни храна... Колку и да им изгледаше интересно тоа на сите околу нас, сепак мислам дека беше малку бизарна глетка...
Третиот ден го сменивме планот бидејќи сите бевме преуморни, решивме да останеме во Урајасу и само да одиме на прошетка околу околниот парк и трговскиот центар. Релацијата помеѓу Урајасу и центарот на Токио со воз е околу еден час, но ја оставивме таа авантура за наредната прилика кога ќе одиме во Токио.
Сѐ на сѐ овој дел на Јапонија многу ми се допадна, и едвај чекам да се вратам повторно во Токио за да го видам централниот дел.“
Видео од нивното патување до Токио Дизниленд:
https://www.youtube.com/watch?v=EQJSGNmMlGU
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело