Оливера Стори Јованова живее во бајковито холандско село: „Во Холандија паровите се венчаат кога децата ќе им пораснат“
- Детали
- вторник, 19 јануари 2021
„Науката ме доведе во Холандија, но љубовта ме задржа, живеам во бајковито опкружување апсолутно. Инаку, во Холандија за разлика од Македонија сè е прифатливо. На пример кога во Македонија ќе се појавам со сопругот прво и најглупаво прашање е колку години има тој (бидејќи е позрел од мене видно). Кога ќе кажам дека сме 16 години разлика веднаш осуда и поглед како да си направила кривично дело“, ни ја пренесува 34-годишната Оливера Стори Јованова својата приказна.
Оливера Стори Јованова имаа 34 години, по професија е доктор, епидемиолог, живее во Холандија во селото Алфен аан де Маас во провинцијата Гелдерланд.
Холандија ја избрала како соодветна држава за нејзин раст и развој, а таму ја среќава и љубовта на својот живот и стапува во брак во 2014 година.
Вели дека отсекогаш ја интересирала позадината на научните истражувања, а во Македонија било невозможно да се оствари како научник, па затоа заминала за Холандија, каде докторирала на тема депресија во еден од најдобрите центри за изучување на епидемиологијата во светот.
Вели дека науката ја однела во Холандија, а љубовта ја задржала таму.
За CRNOBELO.com пренесува како изгледа животот таму...
Звучи идилично и бајковито да се живее во холандско село … Дали е навистина така? Во кое место живееш?
Како одлучив да живеам на село. Кога дојдов во Холандија првите две години живеев таму каде што работев, односно во градот Ротердам. Ротердам е прекрасен град, модерен, полн со културни настани и јас милувам да го викам „холандско Скопје“. Таму живеев со темпо како во Скопје.
Кога останав трудна со моето прво дете, сега 6 годишната Рут, добив една нова перспектива на животот и погледите кон авантура, забава и брз живот ги насочив кон семејното расположение и одговорностите кои ги носи функцијата мајка. Едноставно започнав да гледам со други очи кон градот, почна да ме гуши.
Сè стана пребрзо, нечисто (иако Ротердам е далеку почист град од Скопје). Градот е преполн со странци, измешан со милион култури, некако сè ми изгледаше нестабилно и додека на многу луѓе би им било сон да одгледуваат деца во Ротердам, на мене не. Тогаш одлучив со сопругот да се преселам во селото од каде што потекнува тој.
Но, да се живее во село исто како во град, односно има свои позитивни и негативни страни. Живеам во бајковито опкружување апсолутно. Околу нас сè е зелено, можам да пешачам и по еден час во природа и да не сретнам човек и да го постигнам внатрешниот мир, којшто ми е потребен.
Зајдисонцата тука се исто така непроценливи.
Во однос на темпото овде е сè поспоро, помирно, средено, организирано, нема гужви и турканици. Оваа година беше тешка за сите, но не и за нас. Сите беа заклучени во домовите во градовите, а ние живеевме релаксирано затоа што кога шеташ овде ретко среќаваш некој. Продавниците се секогаш празни, живееме покрај вода и можностите за водени спортови ни се отворени, па можам нескромно да кажам дека годинава како 4 месеци да бевме на одмор.
Но, слободата на село си има своја цена. Можеби не мораш да ги запишеш децата на училиште година дена пред да се родат како во градовите, но немаш избор во поглед на училиштето. Едно е и какво е такво е, а ако сакаш подобро ќе треба да возиш и по 10 километри за да ги однесеш децата на училиште.
Овде нема разговори со сосетките. Ретко ги среќавам и за мене можеби најтешко се токму ограничените социјални контакти. Селото има само 1.000 жители, нема продавница, нема ништо друго освен природа и куќи.
Јас сум сепак дете од Скопје растено во централните делови на градот и за мене социјалниот живот е и тоа како е важен. Овде знам да се почувствувам осамена. Другарките ми се по светот или во Ротердам, но понекогаш мора да се направи компромис во животот. Јас избрав здравје, стабилност и мирен семен живот.
Колку лесно се навикна на холандскиот менталитет? Во што се разликуваат од Македонците?
Комплексно прашање за кое мислам дека сум подготвена да напишам книга. Тежок беше патот на изучување на холандската култура и менталитет.
Клучно беше изучувањето на јазикот. Во моментот кога го научив јазикот сè стана појасно. Сега, апсолутно разбирам зошто размислуваат Холанѓаните вака, а не така.
Разликите се огромни, но јас како вечен оптимист се фокусирам на позитивните работи кои ги научив тука, а такви има многу. Најчесто велам во Скопје растев, а овде пораснав. Созреав и се пронајдов себеси. Уживам во Оливера во 2021, се сакам како личност која се изградив. Ги сакам позитивните работи кои ги донесов од дома и оние кои ги научив овде.
Мајка си на 3 дечиња, колку е различен пристапот кон родителството таму?
Родителството во Холандија е сосема различно од родителството во Македонија. Да не речам потполно.
Јас сум доктор и психологијата и психијатријата се поле на мој интерес. Сметам дека овде децата растат подобро, сметам дека Холанѓаните се подобри родители. Многумина нема да сакаат да го чујат ова, но навистина сметам дека е така.
Овде децата имаат сè, а се задоволуваат со малку. Овде децата не викаат, не плачат, не се агресивни, а дозволено им е сè. Овде е поважно детето да е среќно, отколку најадено со милион порции за кои македонската мајка смета дека се здрави. Овде децата не се дотерани и смеат да се валкаат во кал, едноставно бидејќи никому не му е важно што ќе каже сосетката, туку фокусот е дали детето е среќно и слободно да ја ужива детската игра.
Јас сум човек кој лесно се адаптира кога сметам дека нешто е подобро. На моите деца никогаш не им викам НЕ и НЕ МОЖЕ, методот се испостави како добар сега за сега.
Имам прекрасни три деца и уживам со нив. Со нив успевам сè, односно да бидам и сопруга и домаќинка и доктор. Ништо не ми е тешко колку и на моменти да е напорно (јас немам свекрва, ниту мајка ми е тука да ми скокне во помош кога ќе затреба). Сама се грижам за сите три.
Дали луѓето стапуваат во брак, постојат ли сè уште традиционалните вредности?
Па, искрено не, сосема е различно. Како што кај нас прво треба да се омажиш, па да родиш дете така овде традицијата е обратно. Сите прво раѓаат деца, па кога децата ќе пораснат се венчаваат за децата да може да присуствуваат на венчавката на своите родиели. Едноставно овде си прави кој како мисли дека треба и тоа е основа на холандската култура, која е заснована на слобода на избор.