Оливера Стори Јованова живее во бајковито холандско село: „Во Холандија паровите се венчаат кога децата ќе им пораснат“
Работи кои ги прават Холанѓаните, а за нас се несфатливи…
Апсолутно сè. Во Македонија ништо не е прифатливо. Јас бев црна овца во тоа општество, едноставно бидејќи правев онака како што јас сметав дека треба. Но тоа е карактеристика на Македонија, кај нас ништо не е доволно добро и ништо не се прифаќа кога тоа не си ти и не те засега тебе. Премногу сме критички настроени.
Во Холандија напротив сè е прифатливо. Овде продишав! На пример кога во Македонија ќе се појавам со сопругот прво и најглупаво прашање е колку години има тој (бидејќи е позрел од мене видно). Кога ќе кажам дека сме 16 години разлика веднаш осуда и поглед како да си направил кривично дело.
Ние сме заедно веќе 7 години, а се познаваме 10 години и за сето ова време овде никој никогаш не ме прашал колку сме разлика. Кога ми беше роденден минатата година на мојата прослава еден негов другар ме праша добро и колку полниш денес. Одговорив скромно 34, а неговата реакција беше: „Зарем?“ и се сврте кон мојот сопруг Егберт и му рече: „Маестрално, сакам и јас млада жена, дај ми формула како да привлечам една“. Интересно е што се познаваме неколку години и никогаш не би се сетил да праша такво нешто да не ми беше роденден.
Едноставно Холанѓаните во сè гледаат со позитива, а ние Македонците сме едноставно негативци секогаш.
Како изгледаат дружбите таму? Си одат ли луѓето по гости?
Да, многу повеќе отколку во Македонија. Овде не се оди по кафеани и ресторани. Напротив, скоро секој викенд или имаме гости или одиме на гости.
Готвиме специјалитети, правиме богати трпези, живееме убав живот. Холанѓаните си ги сакаат своите домови. Да бидам искрена и јас станав „домашарка“ и од домашното огниште не ми се излегува.
Најдобрата страна на холандскиот образовен систем е …
Можност и перспектива. Има многу добри и многу лоши страни. Но, фактот дека имаш право на избор е клучниот елемент на успехот на холандскиот образовен систем. Има школи за секого и за сè.
И овде не сите мора да станат адвокати, доктори, овде доколку сакаш да бидеш готвач или фризер и тоа е добро прифатено и поддржано од општеството и родителите. Овде имам чувство дека секој се образува за она што сака и го работи она што сака, па зарем има подобро од тоа.
Најдобрата и најлошата страна на холандското здравство е …
Ух, и за ова би можела да напишам книга. Најдобра страна е доколку си болен од ретка болест, имаш хронично заболување, болест која е ретка ова е местото каде ќе добиеш можеби и најдобра нега на светот.
Најлоша страна е примарното здравство. Матичните лекари се портири кон секундарното и терцијарното здравствено уредување. И во права смисла на зборот портир, затоа што тешко е да ги поминеш.
Но, и тоа не е така страшно како фактот дека матичниот доктор овде те перципира како „главоболка, забоболка, болка во стомак и така натаму“, а не како 34 годишна жена со име Оливера која се жали на главоболка. Мене, како доктор, тоа ме ужаснува.
Од друга страна сметам дека начинот на кои се справија со пандемијата е одличен и сум среќна заради тоа. Бидејќи епидемиологијата ми е специјалност точно можам да увидам грешка во чиј било систем. Холанѓаните ретко имаат пропуст во кој било чекор, кој го преземаа во борбата против короната.
Би можела да додадам детали, но мислам дека и не се така важни, само би потенцирала едно – сите мерки воведени овде беа воведени како СОВЕТ ЗА ОДНЕСУВАЊЕ. И овде како и секаде има луѓе кои не се сложуваат со мерките, но овде за разлика од кај нас луѓето се трудат максимално и некако не им е тешко да ги прифатат мерките и да се однесуваат како истите препишуваат.
Каков е стандардот на живеење? Какви се цените во рестораните?
Висок. Сè е многу поскапо од Македонија, но и многу повеќе заработуваме. Цени искрено не знам. Веројатно затоа што се секаде различни или заради тоа што овде со цени многу не сме оптоварени.