Лепосава Т. Анѓеловски живее во Франција: „Балканките се поубави од Французинките, но како народ се совршено организирани“
- Детали
- вторник, 10 ноември 2020
„Во градот каде што живеам Белфор врне 300 денови во годината, но со сопругот ракометар и синчето тука создадов дом, сега ја обожавам Франција“, вели 30-годишната Лепосава.
Лепосава Тупеска Анѓеловски (30) е магистер по фармација, а во процес ѝ е докторатот, а на својот Инстаграм профил @Мagnolia.glamour постојано споделува совети за нега и убавина.
Ние проговоривме со неа за животот во Франција и колку Французинките ѝ се инспирација околу работата:
Што те одведе во Франција? Колку време живееш таму и на кое место?
Спонтано и сосема случајно. Ако некој најмногу мразеше да живее далеку од своето родно место и најблиските – тоа бев јас.
Дојдов во 2016-та година. Мојот сегашен сопруг, а тогашен дечко е ракометар и тој дојде тука професионално, по што следеше запросување, свадба … па дојдов и јас со него. Со малку желба и многу носталгија ми помина првата година тука.
За разлика од сега, кога го уживам секој ден и момент заедно со синчето додека сопругот работи.
Дали Французинките навистина се најпрекрасни жени на светот?
Не! Навистина не можам да сфатам зошто тоа останало така. Ние од Балканот сме дефинитивно најубавите жени.
Овде во Франција вложуваат многу во патувања, ама мал е процентот на жени кои вложуваат во убавина. Негувани се сите, ама ништо повеќе од тоа.
Далеку од модерни и облечени според последните трендови. Секогаш одбираат класика и квалитет.
Французите знаат да уживаат во животот затоа што …
Затоа што овде е сè средено и подредено. Има ред и редослед. Не е на нив да се грижат за ситниците од секојдневието кои никогаш нема да им се битни.
Тие се грижат за секој ден и планираат однапред. Речиси никогаш не прават ништо во последен момент и секоја минута им е совршено организирана.
Мрачната страна на животот во Франција е …
Дождливото време во Белфорт (градот во којшто живеам). Од 365 дена во годината, 300 денови врне дожд.
Французите одлично функционираат и така, ама мене ми е голем хендикеп и сè уште не сум се научила да пешачам бавно и смирено, а над мене да врне дожд.
Трикови што ги научи таму за негата на кожа?
Ниеден или многу. Зошто? Ако не започнев курсеви на таа тематика, ќе беше одговорот ниеден 100%, ама како почнав да учам во специјализирани школи за нега на кожа и за поврзаноста на фармацијата и козметологијата, научив многу, дури и премногу. Мали работи кои чиста кожа значат и ги споделувам баш на мојот Инстаграм профил.
На твојот Инстаграм профил @magnolia.glamour постојано споделуваш совети за нега… Колку Македонките внимаваат на себе?
На ова прашање не можам да генерализирам. Сепак би рекла доволно.
Топ 3 совети за нега на себе …
- Чистете кожа.
- Хидрирајте кожа.
- Употребувајте крема со заштитен фактор, секој ден.
Најубава Французинка според тебе е …
Caroline Receveur моментално и навистина е без конкуренција. Француска блогерка која има неколку свои брендови. Значи поим за женственост, нежност и негуваност.
Кое е највкусното јадење што си го јадела таму?
Раклет. Превкусно нешто за кое постои специјален апарат за топење на различни видови на сирење кое се полева врз обарен компир. Се додава и сувомеснато во зависност од вкус.
Дали е швајцарски или француски специјалитет е тема за дебата ама јас живеам поблиску до Базел отколку до Париз (на швајцарската граница) и ова јадење го обожавам.