Тиана од Скопје: „Со сопругот Швеѓанец се запознавме на одмор на Родос и сега Шведска ми е дом“
- Детали
- четврток, 25 јануари 2024
„Се запознав со Патрик пред речиси 15 години на островот Родос во Грција. Обично викаат во дискотека не се наоѓа дечко за сериозно, ама ете не е секогаш така. На Родос јас бев на одмор кај другар од детство - Филип, и сопругот беше на одмор со другар...“, ја започнува својата приказна Тиана Селестад (37) од Скопје за CRNOBELO.com.
Тиана Селестад (37) од Скопје, сопственичка на галерија, веќе 13 години живее во Шведска.
Со својот сопруг Патрик Селестад од Шведска веќе 9 години е во брак, а пред тоа биле 14 години во врска.
Тие ја имаат ќеркичката Зои (1).
Парот се запознал на одмор на Грција.
Тиана е сопственичка на галеријата @gallerizest, преку која ги промовира македонските уметници во Шведска.
За животот во Шведска, Тиана споделува детали за CRNOBELO.com:
Како Шведска ти стана дом? Во кое место поточно живеете?
Љубовта ме донесе тука. Се запознав со Патрик на одмор во Грција, а по нецела година откога се запознавме, дипломирав и почнавме да разговараме да се преселам, бидејќи патувавме цело време за да се видиме.
Се преселив по неколку месеци, откако донесовме одлука да живееме заедно.
Живееме на полуостров Скуклостер (Skokloster), што се наоѓа помеѓу Стокхолм и Упсала и има 2.500 жители.
Но, и двајцата работиме во Стокхолм.
Ова место го избравме кога решивме да се преселиме од стан во куќа, пред 8 години. Сакавме да градиме нова куќа и овде најдовме плац што ни одговараше најмногу со местоположба и буџет.
Се наоѓа помеѓу два големи града, во природа, покрај вода и плажи, нова населба со многу млади фамилии и блиску до аеродромот, тоа ни е важно бидејќи сакаме многу да патуваме.
Каков е животот во Шведска? Колку е студено во зима, кога сте стемнува, тешко ли е за адаптација?
Животот во Шведска е убаво избалансиран, најчесто се работи 8 часа и работодавецот има почит за приватното време на вработените.
Се посветува многу време на семејството, двајцата родители се подеднакво ангажирани околу семејните обврски. Дружењата се најчесто за викендите.
Даноците се високи, но социјалниот систем функционира солидно - градинки, училишта, здравство, патишта и слично се достапни за сите.
Зимите се долги и темни, посебно декември и јануари кога се разденува по 9 часот, а се стемнува веќе во 15 часот.
На зимите не се навикнав, но гледам да си ги олеснам. Можностите за патување во топли земји се големи, ние најчесто плански го скратуваме зимото и одиме на летувања во ноември, па во февруари.
Од друга страна, пак, летата се преубави, умерено топли и сонцето скоро, па, не заоѓа, само околу 3 часа околу полноќ е како попладне. Препорачувам за тие што сакаат да ја посетат Шведска да појдат околу „midsummer“ кога се прославува најдолгиот ден во годината, на крајот од јуни, и да уживаат во сончевите денови и убавата природа со многу вода.
Како се запознавте со сопругот Швеѓанец? Раскажи ни ги најинтересните детали од вашата љубовна приказна…
Се запознав со Патрик пред речиси 15 години на островот Родос во Грција. Обично викаат во дискотека не се наоѓа дечко за сериозно, ама ете не е секогаш така.
На Родос јас бев на одмор кај другар од детство - Филип, и сопругот беше на одмор со другар. Таа вечер бевме излезени, мојот другар си најде девојка вечерта и го чекав во барот, а и другарот на Патрик си нашол девојка и го чекаше во барот да се врати.
Седевме на шанк во барот еден до друг, а по некое време сфативме дека и јас и тој сме сами. Патрик ми пријде, почнавме да зборуваме, имавме преубава вечер, игравме на Мајкл Џексон, го дочекавме и сонцето на плажа, таму беше и првиот бакнеж... И се раздени, а другарите уште не се вратија, но фала им!
После летото продолживме да контактираме и Патрик одлучи да дојде во Скопје. Поминавме неколку преубави денови во Скопје и Охрид, се заљубивме и останатото е историја.
Кои македонски навики и традиции на Патрик му беа најчудни на почетокот, а кои шведски на тебе?
Најчудно му беше што соседи по цел ден влегуваа и излегуваа без да тропнат.
Дека се пие ракија со салата. Сообраќајот, свирење, паркирање насекаде. Кафеанскиот живот му беше невообичаен, но брзо си го присвои, па сега како во кафеани да е пораснат. Дека е спонтан животот и сите се договараат во последен момент. Дека ретко кој чека на ред.
Пушењето дома. Пиење алкохол и возење. Дека родителите некогаш воспитно ги тепаат децата.
Мене во Шведска ми беше многу чудно во главно спротивното. Дека се договараш и со најблиските за да се видите и тоа многу однапред.
Дека цела администрација е дигитализирана, пример вадиш извод од матично дома на компјутер и си го принташ. Ретко се оди со такси, повеќе пешки или со метро.
Кое му е омилено македонско јадење? И што вели, какви се Македонките во љубовните врски, а какви жените од Шведска? Има ли голема разлика?
Увијач, селско месо, сарми, макало со лук, помфрит со сирење, топено сирење, шопска со ракија...
Па, и тука и таму има различни личности ама ако дадам една генерална слика, Македонките му се допаѓаат повеќе, особено една. Му се допаѓа најмногу дека Македонките се женствени и еден дел од тоа дека сме попатријахално воспитувани.