Бојана од Скопје се пресели во Хрватска во име на љубовта: „Сопругот е авиомеханичар, ми го има спасено животот“
Како те запроси, а каде правевте свадба?
Јас секогаш се шегувам со него дека ми должи вистинско запросување (ха-ха).
Немавме класично запросување. Штом дојдов во Хрватска, тој посака да останам и така дури разговаравме во полицијата за документите кои треба да ги спремам за да останам, тој се сврте кон мене и ми рече: „Ти ќе се омажиш за мене и ќе останеш како моја сопруга“. Роматично е, знам (ха-ха).
Свадба имавме овде во Хрватска, во Велико-Трговишче. Имавме мала, но бајкерска свадба бидејќи сопругот ми е бајкер, вози мотоцикл и имаат мото клуб, па целиот клуб дојдоа со мотоциклите да ме „земат од дома“ (тоа дома е кај едни пријатели овде во Хрватска. Кај нив дома направивме дочек како да е тоа мое дома).
Немавме класична свадба, повеќе беше како журка со диџеј.
Ти беше ли тешка адаптацијата на животот таму?
Ми беа тешки некои работи, но јас сум таква личност која брзо се адаптира, па брзо се снајдов.
Денеска не би можела да замислам друг живот бидејќи овде имам сè што ми треба.
Ми недостасуваат само моите дома, мајка ми, сестра ми и внука ми, но и нив често ги гледам. Но, мора да кажам посебно ми недостига нашата храна.
Ја сака ли сопругот Македонија и што му е најомилено од кај нас?
Тој мислам дека ја сака Македонија повеќе и до мене. Секогаш ме прашува кога ќе одиме долу.
Нему најмногу во сеќавање му е останат ресторанот Љуц од времето и до ден денес ја спомнува храната од таму.
Има ли многу Македонци? Се дружите ли?
Мојот круг на луѓе овде е повеќето Хрвати. Првенствено поради работата која ја работам, често сум опкружена со луѓе од овде.
Имам слушнато дека има македонско друштво во Загреб, но, за жал, не сум била.
Омилено хрватско јадење, кое знаеш да го приготвиш…
Не сум баш некој експерт за готвење. Мојот сопруг подобро готви од мене.
Јадењата се инаку скоро исти како нашите во Македонија, само што ние во Македонија имаме подобри производи за приготвување.
Пиперките овде не се како нашите или гравот на пример.
Од она што се готви овде, посебно ми се допаѓа во ова време околу Божиќ кога готват мисирка со млинци (тоа се корки од тесто, кои се тврди како кори за лазањи, но со многу поинаква структура).
Омилено место во Хрватска…
Често патувам и досега сум имала можност да ја истражам речиси цела Хрватска.
Има толку убави места овде, посебно островите како што е Хвар или Корчула, но јас сум заљубена во Истра. Често тоа го повторувам и кога имам интервјуа со овдешните медиуми.
Едноставно тој дел од Хрватска е посебен, поинаков… Можете да бидете на море и за половина час да сте во некое шармантно село, кое потсетува на Италија. Таму има за сечиј вкус по нешто и прекрасно е.
Хигиена, образование, здравство, јавен превоз… Што ти се допаѓа таму најмногу?
Сè од наведеното. Нивната организираност е навистина импресивна.
Најмногу ми се допаѓа нивната култура, секогаш се организираат културни манифестации, концерти, претстави, разноразни фестивали, фестивал на бургери, фестивал на филмови, фестивал на вино, познати се и по божиќните адвенти итн.
Секогаш има по нешто за секого.