Ана од Скопје живее на Малдиви: „Цените за локалците се различни, некаде е забрането да носите бикини“
Скапи ли се овие патувања?
Ако патувате на приватните ресорти се скапи, да, цените на едно ноќевање се движат од 500 американски долари па нагоре, но ако се одлучите за авантура на локалните острови цените се движат од 50 американски долари, па нагоре за ноќевање со појадок.
Какво е локалното население? Лесно ли се одвива комуникацијата со нив, зборуваат ли англиски? Имаше ли нешто што посебно ти остави впечаток?
Искрено населението во Мале е многу поразлично од населението на островите.
Луѓето на главниот остров секогаш брзаат за некаде, и не се гостопримливи, изгледа како да им е преку глава од туристи, но затоа луѓето на островите се најтоплите луѓе што сум ги запознала.
Секогаш се трудат да помогнат дури и кога не разбираат англиски јазик, среќни се секогаш кога ќе видат туристи зашто ги нема во голем број, и ги знаат најдобрите места на островите каде што може да се плива со ајкули, водни желки, делфини и слично.
Најголем впечаток ми остави тоа што се грижат многу повеќе за природата на нивните острови и дека живеат во хармонија со водниот свет.
Кои искуства ги нудат островите што не се познати за туристите? Има ли нешто што би го издвоила, а што мора да се види таму?
Претежно Малдиви е дестинација за љубители на тропски плажи и за оние кои уживаат во пливање со морски животни.
Од тоа што мора да се види тука е пливањето со ајкули, со морски раји и делфини. Тоа беше нешто што ме воодушеви и ми ги разби стравовите од пливање во отворени води.
Исто така имав среќа да присуствувам на еден од островите за време на празникот Бајрам и да видам поинаква прослава на празникот за разлика од тоа како другите луѓе го слават.
Тука беше 3 дневен фестивал со водени бомби со боја, слично на прославата на Холи во Индија.
Дали е вистина дека Малдивите се дестинација наменета само за парови? Лесно ли се доаѓа друштво ако отпатуваш сама?
Малдиви е дефинитивно дестинација за сите, не само за парови!
Претежно по приватните острови и ресорти најмногу има парови на меден месец или семејства на одмор, но во моите авантури по локалните острови запознав многу луѓе што доаѓаат сами или со пријатели, најмногу за нуркање, но и за уживање на прекрасните плажи што се претежно празни и се чуствувате како да сте сами на целиот остров и можете целосно да се одморите.
Каква е кујната? Имаше ли можност да пробаш некои специјалитети што ги има само таму и што ти се допадна, а за што си зажалила најмногу?
На главниот остов Мале, храната и не е баш ништо посебна ниту пак вкусна бидејќи тука ништо не расне и не се одгледува, така што сè е увезено.
Но, на локалните острови што ги посетив, луѓето се рибари и рибата преовладува на менито.
Секој ден јадевме свежа риба на скара, за појадок имаат специјалитет масуни, што е типичен малдивски појадок, кој се состои од туна, кромид, кокос и чили, и се разбира свежите сокови од кокос и манго.
Кога би можела, кој од островите би го издвоила како најавтентичен? Каде според тебе може најубаво да се доживеат Малдивите?
Од островите што ги посетив до сега искрено сите се автентични на свој начин.
На пример, во Фулидо живеат морски раји и утринското хранење и потоа пливање со нив е многу интересно.
Во Тинаду живеат ајкулите и на тој остров тие се како домашни миленици, луѓето ги хранат со риба и тие пливаат до копното каде што може без проблем да се погалат и да се плива со нив.
Во Дигура живеат кит ајкулите и манта раји и пливањето со овие огромни суштества е дефинитивно нешто што мора да се искуси на Малдиви.
Која дестинација би сакала да ја посетиш во иднина, каде што не си била досега?
Работата како стјуардеса, а истовремено и како контент креатор на Инстаграм ме направи константно да сум во потрага по нешто ново во светот, па така во моментов го истражувам Мексико онлајн и планирам за брзо да го посетам, и неколку други држави во таа околина.