Анета за посетата на Гренланд: „Во август температурите се до 12°C, меѓу градовите се патува со брод“
Кој период се смета дека е најпогоден за посета на островот?
Дефинитивно летните месеци како јули и август.
Каква е климата во тој период? Каква облека е потребно да се понесе?
Температурите во август се движеа од 9 до 12 степени Целзиусови, што за мене беше супер.
Најдобро е да се оди со истата облека што би ја понеле на планинарење, секако во преден план водоотпорни чевли и топла јакна.
Постои ли добра сообраќајна инфраструктура и лесно ли се патува од еден град до друг?
Јас ги посетив местата со бродот, пристигавме околу 8 час сабајле а заминувавме околу 17 часот попладне.
Од тоа што разбрав, е дека нема пат што ги поврзува овие два града, заради фјордовите и острите карпести предели.
Пристапност од еден до друг град е можна со мал авион или по воден пат, со брод.
Како се цените во однос на сместувањето, храната. Има ли од каде да се купи облека и како се движат цените?
Ако сте биле во некоја од скандинавските земји, било која, цените се горе-долу исти, прилично поскапо за наш стандард.
Како автономна територија во рамките на Кралството Данска, Гренланд ја дели својата парична валута со Данска и Фарските Острови и ја користи данската круна.
Посетив неколку маркети, и скоро сè им е увозно, претежно забележав производи од Данска. Од Гренланд автентичен продукт е морската храна нормално. Имаа неколку мали бутици, а единствен мол видов во Нук.
Имаше ли комуникација со локалното население, со Инуитите и каков впечаток ти оставија?
Луѓето овде беа дефинитивно среќни да видат и да пречекаат туристи, и да Инуитите преовладуваат тука, забележав неколку наставнички што ги шетаа децата кои беа преслатки дечиња кои ги имаа најголемите обравчиња што некогаш сте ги виделе.
Бидејќи шетав сама, имав можност да се разминам со неколку жители од локалното население и сите ме поздравуваа на нивниот јазик со насмевка, а јас им враќав на англиски, нормално. Делуваат многу тивки луѓе ама топли, пријатни и достапни.
Која е следна егзотична дестинација што би сакала да ја посетиш ако имаш шанса?
Од сите скандинавски земји, единствено место што не сум го видела се Фарските острови, би сакала таму да отидам следно.
Иако не работам веќе на брод, преферирам да продолжам да патувам на моја режија, со моја агенда и без брзање да го фатам All aboard времето и да ги претрчувам местата со стрес заради ограниченост на време.
Имам многу дестинации на ум, ама ја преферирам Европа.
Погледнете уште неколку фотографии во продолжение:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело