Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Македонците важат за вредни работници“
Која е најголемата лекција која ја научи од работење на брод?
Сè што треба да сработиш денес, не го оставај за утре. Тоа е една од најголемите лекции кои мислам дека сите кои работат на брод ја учат, особено тие кои се на менаџерски позиции.
Дај сѐ од себе да сработиш максимално и квалитетно, но здравјето секогаш стави го на прво место.
Грижи се за себе, затоа што никој нема да го направи тоа за тебе.
Кои се твоите планови за во иднина, брод или копно?
Иако сè уште ме влече и ми недостасува бродскиот живот, сега сум во фаза на одмор и размислување што понатаму.
Дефинитивно, не планирам да работам на брод до крај на животот, затоа што ми недостасува да бидам на копно, да имам можност да бидам дел од пријателските и роднинските собири и веселби.
Како твоите родители и пријатели ја прифатија твојата одлука за работа на брод?
Кога аплицирав за работата, моите родители беа малку загрижени, затоа што не знаеја што да очекуваат и какво искуство ќе имам.
Но, по моето пристигнување на брод и честите телефонски разговори кои ги имавме со нив, тие добија гаранција дека сум безбедна и среќна, па се адаптираа со текот на времето.
Имало ли моменти кога си сакала да се откажеш и да си дојдеш дома?
Ако зборуваме реално, мислам дека секој човек, без разлика дали е на брод или на копно, барем еднаш посакал да се откаже од работата, па така и јас.
Но, кога сум имала тежок ден на работа, секогаш сум имала пријател да споделам, да разговарам и да се соочам со реалноста дека такви денови сме имале, имаме и ќе ги имаме.
Само е многу важно како ние како луѓе ги прифатиме и како се справуваме со нив.
Како се справуваш со носталгијата додека си далеку од дома?
Во последните неколку години, како што знаеме, технологијата е многу развиена, а и младата и постарата популација ја користат.
Социјалните мрежи и други апликации значително ја олеснија комуникацијата со моите блиски, и често се случувало да добивам видеа и слики од места и луѓе кои ми недостасуваат.
Кои се придобивките, а кои недостатоците од работењето на брод?
Придобивките се дефинитивно патувањето на различни страни од светот без дополнителни трошоци, како што обично зборувам со децата на брод, дека „сум платена за да го обиколувам светот“.
Друга предност е тоа што самата средината те гради како човек и психички и карактерно.
Зрееш и растеш како личност, мора да бидеш одговорен, да донесуваш свои одлуки, да препознаваш во краток временски период кои се добри луѓе со кои можеш да споделиш информации, а кои едноставно само да ги поздравиш и да им посакаш убав ден.
Учиш како да ги почитуваш сите, независно од нивната работна позиција, религија, сексуална ориентација итн.
Учиш како да го контролираш своето однесување пред психичкиот умор кој те зафаќа кога работиш седум дена во неделата и 6-8 месеци без прекин и безброј други задачи.
Една од најважните е да научиш како да работиш во интернационален тим каде сите работат и си помагаат меѓусебно или работата станува потешка за секој поединец.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / Фото: Приватна архива