Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Македонците важат за вредни работници“
- Детали
- недела, 05 ноември 2023
„Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршувањето на педагошки факултет, работата на брод беше идеална можност да работам според образованието“ – вели во инетрвју за CRNOBELO.com Дивна Бегоска која 13 години работела на брод во одделот за анимација на млади и деца до 17 години. Како што вели, чувствува како да била „платена за да го пропатува светот“.
Дивна Бегоска (37) од Битола имам големо искуство во работа на брод. Во својата 13-годишна кариера како модерен морепловец има посетено над 150 земји.
Мотивацијата да почне живот на брод ја добила од нејзиниот авантуристички дух и желбата да го запознае светот, нови култури и различни дестинации.
Во интервју за CRNOBELO.com таа вели дека својата кариера ја започнала на позицијата Youth Staff, бидејќи има завршено педагошки факултет и тоа било во склоп на нејзиното образование.
По неколку години работа, таа била унапредена, прво во асистент, а потоа и во директор на клубот за млади на брод.
Во своето долгогодишно искуство неколкупати била на брод кој бил во близина на ураган, и иако не биле во опасност сепак го почувствувала немирното море и брановите.
Во интервјуто таа раскажува за сите предности и недостатоци од работењето на брод, а вели дека најголема придобивка е можноста да се обиколи светот без додатни трошоци.
Следува целото интервју со Дивна Бегоска:
Твојата бродска кариера започна пред 13 години. Што те мотивираше да го напуштиш домот и да ја почнеш таа авантура?
Јас отсекогаш сум имала авантуристички дух, сакав да посетам различни дестинации околу светот и да запознавам луѓе од различни култури.
Земено предвид дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршувањето на педагошки факултет, работата на брод беше идеална можност да работам според образованието, а и да посетам многубројни светски дестинации.
Како течеше процесот за да ја добиеш работата на брод?
Процесот за да се добие работа на брод беше многу едноставен со огромна помош на агенцијата позната како „Мајоми“, а денешна „Успињача“.
Агенцијата се погрижи да ми ги даде сите потребни информации, се погрижи за сите потребни документи, да ме запознае во кратки црти каков е животот и работата на брод и какви очекувања да имам.
Во последните 13 години, секој што ме прашал за совет за работа на брод, од срце го упатувам да ја контактираат оваа агенција, затоа што се навистина упатени во оваа работа, знаат да го препознаат потенцијалот на луѓето и да направат сè во нивна моќ да им помогнат и да го направат процесот најлесен.
На која позиција почна да работиш?
Јас започнав на позицијата Youth Staff, што подразбира работа со деца.
На брод имаат посебни простории, или како ги нарекуваат клубови за деца, за возраст до 17 години.
Оваа позиција е многу интересна и забавна, бидејќи преку игри и различни активности, децата кои доаѓаат на крстарење доживуваат едно големо искуство, малку поразлично од тоа што го поминуваат во секојдневниот живот.
После само еден месец на брод, започнав тренинг за позицијата аниматор, која е дел од Youth Staff, и покрај работењето со децата, аниматорот се појавува како маскота на различни настани организирани за децата, но и за возрасните.
По неколку години работа, добив понуда за повисока позиција – Assistant Youth Director (помошник директор за млади лица), на која бев 6 месеци и добив напредување во Youth Director (директор за млади лица).
Како изгледаше еден твој работен ден на брод?
Еден работен ден на брод зависи од тоа дали бродот е застанат на копно или плови цел ден кон следната дестинација, и тоа влијае на работните часови и задачите.
Кога бродот е застанат на копно, работните часови се помали, додека кога плови, тие се подолги, бидејќи посетеноста на клубовите е поголема.
Во основа, како директорка, морав секој ден да ги посетам сите три клубови, да ги проверам нивните работни состојби, да се уверам дека моите вработени ја следат програмата и дека интеракцијата со децата е на високо ниво, според стандардите на компанијата.
Како директор, имав и други задачи во канцеларијата, состаноци, тренинзи за вработените, усвојување на жалби и пофалби од гостите.
Освен тоа, бев обврзана да поминам најмалку два часа секој ден со децата и да ги водам активностите, што за мене беа едни од најдобрите и највозбудливите моменти.
Колку земји имаш посетено до сега работејќи на брод?
Искрено, после 13 години работење на брод, можеби не би знаела да ја кажам точната бројка на посетени земји, но сигурна сум дека имам посетено повеќе од 150 држави.
Оваа работа ми овозможи да посетам места кои никогаш не сум ни знаела дека постојат, што е неверојатно и забавно искуство.
Која земја или пристаниште те има воодушевено, а која те има разочарано?
Многу е тешко да издвоиш земја која те има воодушевено, затоа што сум посетила голем број и секоја земја ме има воодушевено на различен начин.
Секоја земја има свој карактер и своја убавина, но има и места каде сиромаштијата е многу застапена и околината не е средена.
Кога ме прашувате за разочарување, се немам разочарано од ниедна земја што ја имам посетено, само одредени места каде што е навистина разочарувачки да се види како луѓето живеат во огромна сиромаштија и како се справуваат со тоа секој ден.