Го чувате во фрижидер и уште 6 чести грешки поради кои лебот не ви трае подолго
Немојте да го ставате свежиот леб во најлонска кеса, особено не ако е топол бидејќи ќе се создаде влага која ќе му ја расипе текстурата.
Во Македонија лебот е додаток во скоро секое јадење.
Но, ова е храна со релативно краток рок на траење, па ако не ги испланираме оброците добро, често се случува и да фрлиме нешто.
Некогаш, пак, правиме и грешки во складирањето на лебот со кои самите му го скратуваме рокот.
Најчестите грешки поради кои лебот не ви трае подолго:
Го чувате свежиот леб во најлонска кеса или фолија
Не е препорачливо да го чувате свежиот леб во најлонска кеса бидејќи речиси веднаш ќе ја изгуби „крцкавоста“. Ако, пак, лебот е топол, во најлонската ќеса веднаш ќе се создаде влага и ќе му ја уништи текстурата.
Овие лебови имаат пократок рок на траење и чувањето во ваква ќеса нема да им го продолжи.
Најдобро е да го чувате во кутија за леб, во хартиена кеса.
Го чувате во фрижидер
Ако го ставите лебот во фрижидер, молекулите скроб во него ќе почнат брзо да се кристализираат, па лебот брзо ќе стане бајат.
Што значи, чувањето во фрижидер му го скратува рокот на траење.
Но, имајте на ум дека постојат и лебови кои можат да се чуваат во фрижидер, како лебовите без брашно, и ова е нагласено на самата амбалажа.
Купувате мали лепчиња бидејќи мислите дека ќе траат подолго
Повеќе мали лепчиња значи и повеќе кора, а токму кората е таа којашто прва се стврднува.
Затоа многу подобро е да купувате голема векна леб и да ја чувате соодветно.
Го сечете целиот леб откако ќе го купите
Не е препорачливо да ја сечете векната леб однапред бидејќи ќе се исуши многу побрзо.
Сечете ја само пред јадење.
Го ставате во замрзнувач без заштита
Слободно можете да замрзнувате леб, но мора да го ставите во соодветна амбалажа.
Најдобро е да го завиткате во најлонска фолија, така што мразот и влагата од замрзнувачот нема да допрат до него.
Топлите леб во микробранова
Микробрановата печка прво многу ќе го омекне лебот, а откако ќе се излади, тој ќе се стврдне речиси веднаш.
Затоа, секогаш е подобро да го запечете во рерна или тостер.
Го чувате сечениот леб во хартиена кеса
Претходно спомнавме дека свежиот леб не треба да се чува во најлонска кеса.
Но, кога купувате исечен леб, препорачливо е да го чувате во токму ваква кеса, најдобро во оригиналното пакување.
Ако го ставите во хартиена кеса, лебот ќе се стврдне многу брзо, а може и да мувлоса.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





