„Ми беше срам да излегувам од дома“ - искрена исповед на Иван Медо Димоски за борбата со килограмите

Иван Димоски познат кај Твитерџиите како Медо Димоски и по хаштагот #МедоГотви, искрено и отворено проговори за својата долгогодишна борба со килограмите.

mi-bese-sram-da-izleguvam-od-doma-iskrena-ispoved-na-ivan-medo-dimoski-za-borbata-so-kilogramite-01.jpg

Би сакал да ја раскажам мојата борба со вишокот килограми, една од долгорочните битки кои го карактеризираат мојот живот. Да започнеме со малку историја:

Кога бев мал, мајка ми имаше ненавремено вадење на слепото црево кое резултираше со системско труење. После неколкугодишна борба, почина кога имав 8 години.

Справувањето со болеста бараше многу жртви, за среќа имавме големо семејство полно со љубов кое безрезервно помагаше.

Тоа значи дека додека татко ми не се прежени неколку години подоцна (со жената која сега ја нарекувам мајка и ја сакам најмногу на светот) јас често бев по роднини, баби, тетки, вујни, стрини...

Нивната грижа, љубов и разбирање, или пак сожалување, кон мојата ситуација се изразуваше со посебен третман.

Речиси сè што ќе посакав ми беше на некој начин овозможено и иако тоа ми помогна да се соочам со ситуацијата и да растам без трауми, имаше одредени последици.

Имено, ова фаворизирање и дозволување го воспостави мојот однос со храната.

Секој што ќе ме видеше ми даваше бонбонче, чоколатце, пари да си купам сладолед, шеќерче во кока колата за да не се разболам...

Секој пат кога ќе посакав пржени компри со кечап и мајонез, виршли, кифли, пита, млекце и еурокремче, некој возрасен ќе се фрлеше во акција, ќе направеше и ќе се топеше колку слатко јадам.

Растев како дебелко и среќно детенце опкружен со љубовта на семејството.

Секако ова создаде нездрава врска со храната, кога на дете ќе му се дозволи да ги носи одлуките за што ќе јаде, нормално е во поголемиот дел да избере шеќер.

Имено нашиот мозок работи на глукоза (тогаш не се знаеше за кетони) и нè наградуваа за внесување на нешто благо.

Тоа создава одредена зависност што резултира со одбивање на здрава храна и лутина кога некој нема да ти овозможи тоа што бараш.

Не би сакал да го споредам со други зависности, меѓутоа има нешто во тебе што те спречува да го направиш вистинскиот избор.

Од друга страна, секој што се соочил со проблемот на вишок килограми знае дека има силна социјална стигма.

Додека бев во основно, ми беше тешко да спортувам, не се чувствував пријатно во облеките кои ги носев, го вовлекував стомакот, имав оштетени заби и мрсна кожа.

Кога си класичен лузер, самодовербата тоне. Ми беше срам да излегувам од дома, да се социјализирам со другарите или пак не дај боже да пристапам на девојка.

Уште потешко ми беше тоа што не можев да си помогнам себеси, да одолеам, да речам не, доволно е!

На 14-15 години собрав доволно сила да преземам нешто.

Наредните 12 години од животот ги поминав во trial and error, пробувајќи ги сите методи и диети, од чанг шланг до Аткинс. Уште само глисти и подврзување на желудник не пробав.

Мислам дека во трета средно, цела година јадев ориз, стек, туна и салата.

И ова апсолутно функционираше, секоја диета што ја пробав имаше видливи резултати и патем научив многу за сопственото тело и исхраната општо.

Меѓутоа го пропуштив тоа што денес ми изгледа очигледно: Не е доволно да се победат неколку битки, мора да се добие војната!

По завршувањето на диетите се соочуваш со нормалниот свет, кафани, алкохол, родендени, слави и бидејќи волјата е ограничен ресурс, се враќав пак на старите навики. Навистина многу сакав да јадам!

Храната ја асоцирав со љубов и топлина од семејството. Како таква ја користев да пополнам други недостатоци во мојот живот.

Не секогаш во негативно светло, сепак #МедоГотви е производ на таа љубов, и со тек на време научив недостатоците да ги прикажам како доблест.

Меѓутоа фактот останува дека имав нездрав однос со храната која резултираше со периоди на слабеење и периоди на дебелеење.

На пример еве една слика од 2009 кога бев во врв на кариерата со 117 килограми.

mi-bese-sram-da-izleguvam-od-doma-iskrena-ispoved-na-ivan-medo-dimoski-za-borbata-so-kilogramite-02.jpg

Еве друга слика од 2010 (следната година) кога ослабев 30 кила.

mi-bese-sram-da-izleguvam-od-doma-iskrena-ispoved-na-ivan-medo-dimoski-za-borbata-so-kilogramite-04.jpg

Помеѓу 2010 и 2018 се јојав помеѓу овие 2 екстреми, во поголемиот дел од времето задржувајќи се помеѓу 90 и 95. Во стресни години терав трицифрено, во лабави одржувајќи се на 90.

Висок сум 184 ако тоа нешто менува.

Откако се преселив и стабилизирав во новата земја со моето семејство, решив дека е време да се добие војната и да се дисоцира храната од љубов, семејство, традиција, дружба и настани.

Храната е за да сме живи и здрави. Ништо повеќе од тоа.

Тргнувајќи од овој максим, решивме да јадеме еднаш дневно (OMAD / IF), понекогаш и неколку дена без храна (за користа од постењето во друга прилика) и постепено се префрливме на едноставна веганска исхрана.

Денес имам 83 килограми и многу поинаков пристап кон животот.

mi-bese-sram-da-izleguvam-od-doma-iskrena-ispoved-na-ivan-medo-dimoski-za-borbata-so-kilogramite-02.jpg

Гладот е нешто што доаѓа и брзо си оди. Празнините што некогаш ги чувствувам во себе, не се обидувам да го пополнам со храна.

Гозбата не е повеќе фокус на социјалните дружби и прослави.

Се чувствувам полесен и со повеќе енергија. Годинава за првпат во животот направив салто!

И ова успеав да го постигнам бидејќи ја имав @Ivy3lue да ме дружи и поддржи за секој експеримент и искрено да ме сака кога ни самиот не се сакав.

Килограмите се губат, меѓутоа стриите, вишокот кожа и пар други работи остануваат.

Требаше труд и време да се погледнам во огледало и да се прифатам таков каков што сум, со целата моја историја и убавина.

Не можам да опишам колку е важно да имаш некој до тебе на ова патешествие на себе прифаќање и создавање на здрав однос со храната.

Го пишувам ова за да ја признаам борбата што е секојдневие за многу луѓе, постои, реална е, тешка е и ги афектира нашите животи на многу начини.

Исто и да го понудам моето искуство ако некој сака да си помуабети подетално, јавно или приватно.

Ви благодарам убави луѓе!

https://twitter.com/MedoDimoski/status/1293470949090656256?s=20

Би можело да ве интересира:

Што да јадете во секоја деценија од животот за да ги задржите младешкиот изглед и здравјето? Во 20-тите и 30-тите години од животот, важно е да се фокусирате на мускулната м...
10 кулинарски совети за оние кои не сакаат да поминуваат време во кујната Ако готвењето не ви е задоволство и не сакате да поминувате многу време во кујна...
Најчестите грешки при готвење со Air Fryer (со кои го уништувате апаратот) Апаратот нема доволно проток на воздух, внатре ставате влажна храна и не го чист...
Професионални готвачи откриваат која е „тајната“ состојка што ја користат во скоро секое јадење Кафе во чоколадни торти, паста од домати во сосови за месо… Кои се тајните состо...
Храна која треба да ја избегувате во лето – предизвикува да се потите повеќе Секогаш кога телото се обидува да свари тешка храна, потењето се зголемува. Колк...
Појадував како Новак Ѓоковиќ – Какви се моите впечатоци? Топла вода со лимон, зелено смути и гранола со овошје … Како вообичаено изгледа ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg