Зошто се важни хранливите влакна и како да го зголемите нивниот внес?
Постојано слушаме колку е важно хранливите влакна да бидат дел од нашата исхрана, но која е причината за ова?
Според експертите, повеќето луѓе не внесуваат ни приближно доволно хранливи влакна во текот на денот, а наводно, ова може да има влијание врз целиот организам.
Што точно се хранливите влакна?
Хранливите влакна се состојка со растително потекло и постојат два вида - растворливи и нерастворливи.
Нерастворливите влакна се оние кои го поттикнуваат здравјето на дигестивниот систем и го олеснуваат празнењето на цревата.
Растворливите влакна, пак, можат да ја забават дигестијата и помагаат во апсорбирањето на хранливите материи. Според нутриционистите, растворливите влакна можат да ја подобрат работата на целиот организам.
Кои се придобивките од хранливите влакна?
Ако го зголемете внесот на хранливи влакна, ќе почувствувате многу придобивки:
- Полесно празнење на цревата
- Одржување на здравјето на цревата
- Намалување на нивото на холестерол
- Регулирање на нивото на шеќер во крвта
- Регулирање на телесната тежина
Колку влакна треба да внесувате?
Според Mayo Clinic, мажите на возраст до 50 години треба да внесуваат 38 g, а жените на иста возраст 25 g дневно. Мажите постари од 50 години би требало да внесуваат 30g, а жените на иста возраст 21g дневно.
Најдобри извори на хранливи влакна
Ако сакате да го зголемите внесот на хранливи влакна, експертите препорачуваат да го правите тоа постепено. Во спротивно, наглото зголемување на внесот може да предизвика проблеми како гасови и подуеност.
Истовремено, нутриционистите препорачуваат добро да ја џвакате храната богата со влакна и да пиете многу вода.
Најдобро е да ги внесувате влакната преку прехранбени производи, а ако сакате да пробате додатоци во исхраната, најдобро е да се консултирате со лекар.
Храна богата со хранливи влакна:
- продукти од цело зрно
- овошје
- зеленчук
- грав, грашок и други зрнести плодови
- јаткасти плодови.
Експертите велат дека за повеќето луѓе доволно е да направат мала промена во исхраната, како заменување на белиот леб со интегрален, за да ги почувствуваат придобивките. Како што напоменавме, најдобро е да почнете со вакви мали промени за да ги избегнете несаканите ефекти како гас и подуеност.
Спирова С. | Црнобело