Како правилно да ја складирате храната за да ѝ го продолжите рокот на траење?
Фрлањето храна е проблем со кој се соочуваме сите. Понекогаш, едноставно, не стигнувате да искористите сè што сте купиле, па неретко храната завршува во корпата за отпадоци.
Но, има решение и за тоа. Сè што треба да знаете е кој начин на складирање ќе им го продолжи рокот на прехранбените продукти.
Во продолжение погледнете неколку совети што ќе ви помогнат во тоа:
Бобинки: Измијте ги и замрзнете ги
Бобинките, како малини и капини, се превкусно овошје, но сите знаеме дека рокот им е едвај една недела. Но доколку ги замрзнете, ќе можете да ги употребувате дури цела година.
Најпрво треба добро да ги измиете и да ги оставите да се исушат. Потоа ставете ги во пластични кеси, па во замрзнувач.
Зеленчук: Направете туршија
Замрзнувањето не е единствениот начин го продолжите рокот на траење на зеленчукот. Можете да го следите и примерот на нашите баби – направете туршија.
Туршија можете да ја направите од речиси секој зеленчук како краставички, домати, карфиол, моркови…
На овој начин, рокот на траење на зеленчукот е најмалку еден месец.
Моркови: Направете чипс
За да направете чипс од морковите, односно да ги „дехидрирате“, исечете ги и распоредете ги на тава за печење. Загрејте ја рерна на околу 170 степени и ставете ги морковите внатре, без целосно да ја затворате рерната. Би требало да бидат готови за околу два часа, но проверувајте ги на секои 30 минути.
Дехидрираните моркови имаат рок на траење и до неколку години.
Јаболка: Сличен метод како и за морковите
Можете да направите чипс и од јаболка, на истиот начин како за морковите. И дехидрираното јаболко има рок на траење од неколку години.
Потоа складирајте ги во пластични кеси или тегли.
Јаткасти плодови: Замрзнете ги
Ако ги чувате јаткастите плодови во добро затворен сад во замрзнувач, тие можат да траат и до една година.