Со што сè можете да ги замените јајцата додека правите колачи и печива?
Некои не сакаат да употребуваат јајца бидејќи се вегани, а некои пак, едноставно, останале без јајца, а почнале да прават некој колач.
Без разлика во која ситуација се наоѓате вие, добро е да знаете дека постојат неколку замени за јајцата во колачите и печивата.
Овошје
Пирето од овошје е одлична алтернатива за јајцата. Можете да направите пире од јаболка, круши, манго, или комбинација од неколку овошки.
Сè што треба да направите е да го сварите овошјето и да направите пире.
Ако не сакате да минувате многу време во кујната, можете да употребите и банани. Во овој случај, најмногу ќе ви користат презреаните банани, кои само треба да ги испасирате.
Околу 85 грама овошно пире одговара на едно јајце.
Исто така, за оваа намена можете да искористите и пире од тиква или авокадо. Имајте на ум дека авокадото ќе му даде зелена боја на колачот или печивото.
Важно е да знаете дека вкусот на овошното пире ќе се забележува во колачот.
Здрави масти
Можете да му ја зголемите хранливата вредност на колачот ако додадете масло од јаткасти плодови или семе, како на пример лен.
Овие масла се полни со минерали и здрави масти, а ќе помогнат во соединувањето на смесата исто како јајцата, a можеби дури и подобро.
Ако употребувате масло од сусам или мелено ленено семе, една лажица масло или семе, помешана со три лажици вода, заменува едно јајце.
Добро промешајте ја смесата и оставете ја да згусне.
Овие масла ќе додадат мирис и вкус на јаткасти плодови и најдобро е да ги користите за палачинки, мафини или чоколадни колачи.
Пире од компири
Ако сте доволно храбри да експериментирате, тогаш и пирето од компири е одлична замена за јајца.
Доколку немате домашно направено пире, можете да направите и инстант.
Исто како и овошното, 85 грама пире од компири заменуваат едно јајце. Доколку користите инстант пире во прав, употребете две лажици од прашокот и подгответе го според упатството на кутијата.
Компирот е одлична замена за јајцата доколку правите солено печиво.
Спирова С. | Црнобело