6 идеи за вкусен и разновиден појадок, ако сакате да избегнете „бело тесто“
Чиа пудинг, овесна каша со овошје, протеински палачинки од овес, тортилја направена од омлет и полнета со зеленчук - да, имате многу опции за вкусен и енергичен појадок, кој нема да биде бело печиво, ако сакате да внимавате на линијата и здравјето.
Многумина се водат по тоа дека појадокот е најважниот оброк во денот, па затоа е важно истиот да биде составен од вкусна храна која ќе ви обезбеди енергија и добро расположение.
Но, ако мислите дека нема доволно опции за секој ден од неделата, посебно кога сакате да избегнете бели печива, се лажете.
Имаме неколку предлог идеи за појадок, со кои речиси секој ден од неделата ќе пробате нешто различно.
И не се фокусираме на броење калории и точни дози, само даваме предлози за вкусни и енергични оброци, кои не мора да бидат бело печиво, а се подготвуваат брзо и лесно.
Во продолжение неколку идеи за разновиден појадок кој ќе ве наполни со енергија за денот што следи:
Чиа пудинг
Измешајте неколку лажици чиа семе со млеко по избор и мед како засладувач, па ставете во фрижидер да преноќи.
Кога смесата ќе се претвори во желатин и семето ќе нарасне, пудингот е подготвен, само додадете свежо овошје по избор и јаткасти плодови за побогат вкус.
Грчки јогурт со овошје и житарици
Измешајте грчки јогурт со банана, јагода, шумско овошје, додадете малку овес и јаткасти плодови за повеќе да ве држи оброкот, кој истовремено ќе ве освежи и ќе направи да се чувствувате најадено, а лесно.
Омлет во вид на тортилја, полнет со зеленчук или млечни производи
Направете омлет од неколку јајца, на средината наредете домат, пиперка, печурки или малку сирење и замотајте го како тортилја – вкусно, лесно и добро ќе ве најаде и држи сити до следниот оброк.
Смути со смрзнато + свежо овошје и јаткасти плодови
Кога доаѓаат потоплите денови, нема поидеален оброк кој ќе ве засити и освежи, а нема да направи да ви биде тешко.
Во блендер ставете смрзнати шумски овошја, смрзната или свежа банана и додадете малку вода или грчки јогурт за поубава и мазна смеса, додадете јаткасти плодови за енергија и уживајте во оброкот кој може да го јадете и по пат.
Овесна каша со овошје
Хранлив оброк кој ќе ви даде енергија и ќе ви ја стопли душата, а ќе се чувствувате лесно и најадено.
Сварете неколку лажици овес, кога ќе добиете густа смеса, додадете шумско овошје и банана и малку мед како засладувач. По желба може да додадете цимет или кокос.
Протеински палачинки со јајца и овес
Направете смеса од 2 јајца, 1 банана, 1 шолја овесни снегулки, малку прашок за печиво и малку масло и испечете палачинки (или најдете друг заменски рецепт за здрави палачинки).
Може да ги јадете со засладувач како јаворов сируп, или со грчки јогурт измешан со мед и шумско овошје.
M. M. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





