Бевме на велигденски ручек кај Давор - Dave’s Kitchen: 9 вкусни јадења, вапсани јајца и опуштено дружење
„Ајде да готвиме заедно. Ќе спремиме три јадења“, беше предлогот на Давор, познат како Dave’s Kitchen, до целата редакција на CRNOBELO.com. Но, кога стигнавме, нè пречека полна празнична трпеза со 9 различни видови храна, бојадисани јајца, прекрасно украсена маса, ладен коктел за добредојде и кучето Гоце кое скокаше од среќа.
Еден од нашите најпознати млади готвачи, Давор Панчевски, познат на Инстаграм како @daveskitchen, на неколку дена пред Велигден ни понуди дружење кое не се одбива.
Неговите рецепти на Инстаграм изгледаат превкусно, но во реалноста се уште поубави.
Дејв, како што го викаат пријателите, ја покани целата наша редакција на велигденски ручек во неговиот стан во населбата Влае.
Како си поминавме на велигденскиот ручек во домот на Давор Панчевски?
Идејата да готвиме заедно и да научиме некоја тајна пропадна, бидејќи кога стигнавме, пред нас беше распослана трпеза со готови јадења.
Освен трпезата, и целиот негов стан беше во духот на големиот празник, со многу велигденски украси.
Давор низ муабет ни најави дека ќе подготви 3 рецепти, но таму имаше многу повеќе.
„Добро, кога ќе речам 3 тоа најчесто се десет јадења“, рече на смеа Давор и ја гледаше нашата реакција. „Извинете што не ве почекав за готвење, сакав сè да е подготвено кога ќе стигнете“.
Можете само да го замислите нашето воодушевување кога почнавме да ги гледаме одблиску сите убавини што ни ги зготвил.
Имаше домашен милиброд, кумановска пита, колач со ананас, чизкејк во чашка, лиснато со пилешко и кари, полнети јајца, пилиња од урда, салата со печурки и мини Павлови пуслици.
Сето тоа дополнето со студен џин пунч, приготвен на медитерански начин.
На големата шанк маса во кујната, беа поставени чинии во различни бои, секоја украсена со салфетки и велигденски украсни држачи, а во секоја чинија имаше и по едно велигденско јајце, како што е ред за празникот.
Во центарот доминираше големата вазна со лалиња во неколку бои.
„Пајак ќе ми ја кренеше колата додека купував цвеќе“, ни раскажа Дејв.
На сите ни стави медитерански џин пунч, па наздравивме за нас, за уште многу дружби во годините што доаѓаат, за празниците кои ги собираат на иста трпеза и семејството и пријателите.
И пробавме буквално од сè, бидејќи никој не можеше да одолее на храната и мирисите што се мешаа во просторијата.
А Давор, како одличен домаќин, ги сподели со нас (но и сите читатели на CRNOBELO.com) сите рецепти за вкусните јадења што ги пробавме.
П.С. Не е срамота да признаеме дека ни испрати храна и за дома, нели?