Брз ручек: Потпечени тортиља сендвичи со пилешко месо и растопен кашкавал (видео)
Вистински хит е тортиљите да се превиткуваат на четвртини, при што секоја четвртина содржи различни полнежи. Ова се вкусни тортиљи сендвичи со пилешко месо, а запомнете, најважен е начинот на кој што ја виткате тортиљата.
Обично навикнати сме тортиљите да ги виткаме како палачинки или во ролнички, но новиот начин на виткање во форма на сендвичи ги освои социјалните мрежи.
Како да ги подготвите овие вкусни сендвичи што може да бидат идеални за ручек или вечера?
Откако еднаш ќе го усовршите начинот на виткање, можете лесно да експериментирате со состојките и со зачините и да добиете тортиља сендвичи со најразлични вкусови.
Потребни состојки:
- 200g пилешки гради;
- 2 чешниња лук;
- ¼ лажица рендан ѓумбир;
- ¼ лажица коријандер;
- ¼ лажица ким;
- ¼ лажица чили во прав;
- Сол по вкус;
- Црн бибер по вкус;
- 2 лажици доматен сос;
- 1 лажица масло;
- Листови марула и парчиња домати;
- Доматен сос;
- Мајонез;
- Тортиљи.
- Рендан кашкавал (по вкус).
Начин на подготовка:
- Во длабок сад се посолуваат ситно исечканите пилешки гради и се мешаат со лук, ѓумбир, коријандер, ким, чили, црн бибер и доматен сос;
- Во тава на рингла се загрева една лажица маслиново масло и месото се става да се пржи околу 8 до 10 минути со постојано мешање;
- Тортиљата се става да се затопли на тава без масло, на средна температура, по што се превиткува на четвртини за да се означат четвртините;
- На една четвртина се става кечап и мајонез;
- На втората четвртина се става пилешко месо;
- На третата четвртина лист марула и домати и на четвртата четвртина се става кашкавал;
- Со нож се засекува делот помеѓу последните две четвртини и се превиткува како што е прикажано на видеото подолу;
- Готовата тортиља се става на грил тава премачкана со путер и се потпекува од двете страни.
Видео упатство:
Б. С. Б. | Црнобело