Само промешајте ги состојките и испечете: Вкусна пита со тиквички по рецептот на баба
Како да подготвите брза, вкусна пита со тиквички за која не треба да сте експерт во кујната за да биде совршена. Целиот процес се сведува само на мешање на состојките и печење...
Тиквичките се зеленчук што го има на тезгите во текот на целото лето. Полнети тиквички, пржени, похувани... Доколку веќе немате идеи како би можеле да ги приготвите, во продолжение погледнете еден рецепт од бабите за пита со тиквички што лесно се приготвува и нема потреба да бидете експерт за кулинарство за да подготвите вкусна вечера.
Состојки:
- 1kg тиквички
- 2 лажици брашно
- 100g пченичен гриз
- 1 кесичка прашок за печиво
- 4 јајца
- 250 g свежо бело сирење
- Путер за премачкување
- Зачини по желба: сол, бибер, вегета...
Подготовка:
Пуштете ја рерната да се загрее на температура од 200 степени Целзиусови.
Тиквичките се мијат и се лупат, а потоа се рендаат и се оставаат на крпа за да испуштат вода.
Во подлабок сад се мешаат брашното, гризот и прашокот за печиво. Потоа се додаваат јајцата, издробеното сирење и зачините и сè се меша додека состојките не се соединат.
На крај се додаваат и тиквичките.
Плехот за печење со средна големина се премачкува прво со путер и се просејува со гриз, а потоа се става и приготвената смеса.
Питата се пече во претходно загреана рерна на температура од 200 степени Целзиусови, околу половина час.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com