Бидете креативни во кујна: Направете чоколадна торта од палачинки
Обичните палачинки намачкани со еурокрем и банана, претворете ги во чоколадна торта со „експлозија“ од вкусови - идеална за тие што не сакаат комплицирана подготовка на тесто и фил.
Покажете креативност во кујната и направете торта без печење, пандишпан и комплицирани филови.
Потребно ви е да направите палачинки, да ги наполните и замотате, да направите еден фил за премачкување и да стопите чоколадо за декорации.
На прв поглед, никој не би рекол дека може да направите ваква „бомба-торта“ од палачинки, но сè е можно со малку креативност.
Оние кои го сакаат полесниот начин, ќе застанат на полнење и мотање палачинки, па ќе си ги изедат, но тие што сакаат да експериментираат во кујна, вреди да го пробаат овој десерт.
Потребни состојки:
- 8 јајца
- 60g шеќер
- прстофат сол
- 500g брашно
- 1l млеко
- 100g путер, стопен
- 350g маскарпоне
- 750ml крем за готвење
- 300g чоколаден крем за мачкање
- 5 банани
- 150g млечно чоколадо, стопено
- 150g темно чоколадо, стопено
- 150g бело чоколадо, стопено
- плус: дно од пластично шише за декорација
Начин на подготовка:
- Измешајте ги јајцата, шеќерот и солта, потоа постепено додавајте го брашното и мешајте, па додадете ги млекото и стопениот путер со постојано мешање на смесата додека не се изедначи. Со оваа смеса печете ги палачинките на загреано и подмачкано тавче. Палачинките треба да бидат малку поголеми од вообичаени домашни.
- На длабок стаклен сад наредете од сите страни по една палачинка, така што краевите ќе висат и ставете една одозгора која ќе го покрива цело дно.
- Измешајте ги маскарпонето и кремот за готвење. Од филот намачкајте убав слој насекаде врз палачинките во стаклениот сад.
- Останатите палачинки намачкајте ги со чоколаден крем и наредете по неколку банани, па сролајте ги.
- Замотајте неколку палачинки како полжав на средината на садот, намачкајте од филот со маскарпоне, па одозгора ставете една палачинка. Намачкајте ја палачинката со смесата од маскарпоне, па пак наредете уште неколку палачинки во полжав и повторете ја постапката додека имате материјал, но оставете една палачинка и малку од филот со маскарпоне за поклопување на крај.
- Завршете го редењето со филот од маскарпоне врз палачинката, поклопете ги краевите од првите палачинки кои висат од страната на садот и одозгора ставете уште една ненамачкана палачинка.
- Со помош на голема чинија ставена врз најгорната палачинка, превртете го длабокиот сад, така што долниот дел сега ќе дојде одозгора.
- Исечете го дното од пластично шише, поставете го на врвот на тортата и наизменично истурајте од трите вида чоколадо, кои претходно ќе ги стопите.
- Декорирајте со шлаг и овошје.
Изгледајте го видеото за да ви стане појасна постапката на редење и декорирање:Ч
M. M. | Црнобело