Талентирана Македонка за која готвењето е уметност: 8 предлог рецепти од Викторија Кочишка
Оваа Македонка има кулинарски талент и Инстаграм профил со кулинарски дела кои дефинитивно отвораат апетит. Кои се нејзините омилени рецепти?
Кога ќе го погледнете нејзиниот Инстаграм профил преполн со прекрасни кулинарски дела, веднаш ви се појавува апетит.
Секој рецепт е внимателно приготвен, храната е убаво декорирана и сè изобилува со бои. Речиси како преку фотографии да можете да ги почувствувате мирисот и вкусот на прекрасните јадења.
Викторија Кочишка Димитријева, 27 години, мајка и сопруга, по професија е инженер по индустриски дизајн, но дизајнот и креативноста вели дека ѝ останува да ги употребува во уредувањето на домот, декорирањето и експериментирањето со храната.
Инаку, работи како marketing event coordinator во нивната семејна фирма за техничка реализација на концерти, фестивали, конференции и други настани.
Со неа поразговаравме од каде пасијата за готвењето, како и нејзините омилени рецепти во предлог дневно мени.
„Почнав да учам насоки во готвењето од мојата мајка уште од средно училиште. Пасијата за готвењето ми се зголеми и почнав да си ја реализирам последниве години. Благодарение на интернетот и палетата на рецепти, нови и различни состојки и видеа како се приготвува она што ни се допаѓа, успеав да си реализирам мои рецепти. Со учење на различни комбинации на состојки, со истражување на вкусови и интересни декорирања.
Бидејќи сум мајка на 10 месечно синче, кое почнав да го хранам со зеленчук и овошје на 5 месеци, дополнително си стекнав навика кујната да ми е омилено катче во домот, а готвењето да ми е омилено хоби. Секојдневното подготвување на здрави оброци за мојот син и експериментирање на нови рецепти за останатите членови од семејството, ми го прави денот уште поубав.
Навика ми е дека денот без појадок не може да започне. Токму затоа секое утро имам лесен појадок со овошје, житарки, интегрално лепче со хумус и авокадо итн. Јогуртот не го исклучувам од комбинација за појадок. И smoothie подготвувам со јогурт. Можеби за некој е чудно, но верувајте многу е вкусно, освежува и заситува.
Кога правам појадок smoothie или каша, подготвувам за мене и за мојот син. Житарките кои ги користам за син ми (амарант, просо, киноа, овес) ги подготвувам во поголема количина и користам 1 голема лажица во мојот smoothie bowl.“
Нејзините омилени рецепти:
Smoothie bowl со шумско овошје
- 1 чаша јогурт
- 1 банана
- 2 големи лажици аронија
- 2 големи лажици малини
- 2 големи лажици капини
- 1 мала лажица кокосово масло
- Пола мала лажица цимет
Секој ваков оброк го декорирам различно.
Користам чија семе, кокосов чипс, семки од сончоглед и тиква, јаткасти плодови, јагоди, портокал, боровници, гоџи бери, овес, какао, ситни парчиња чоколадо итн.
Рижото со морски плодови
Потребни состојки за оброк за двајца:
- Кесичка смрзнати ситни морски плодови
- Ориз за рижото 200 гр
- 1 чаша бело вино
- 1 мала лажица вегета
- 1 голема лажица путер
- 1 коцка супа
- 1 кромид
- малку бибер
Начин на подготовка:
- Прво треба да ги подготвите морските плодови и супата. Морските плодови се варат 10 минути во вода со неколку капки зејтин и малку сол. Во пола литар вода се вари коцка супа.
- Потоа ја започнувате процедурата за овој вкусен оброк. Кромидот се сечка на ситно и се пржи на тава (не смее да загори).
- Потоа се додава оризот и се пржи заедно.
- Се додава путерот и се меша постојано. Се додава бело вино и се меша постојано. Се додава вегета и бибер.
- Постепено се додава од супата и се меша. Како што ја впива течноста - така додавате сè додека не е готово рижотото.
- Се додаваат морските плодови и се меша неколку минути.
Во нашиот дом, секој ручек се комбинира со салата. Затоа си дадов можност да си направам комбинација од различни видови салати со интересни здрави сосови.
Секоја салата е зачинета со маслиново масло и оцет балсамико/сок од лимон. Прекрасен крцкав вкус даваат семките од сончоглед и тиква кои претходно ги печам на тава.
Салата со моркови, авокадо, песто и сенф во зрна
Потребни состојки:
- 1 авокадо
- 3 моркови
- 2 млади кромитчиња
- Пола китка магданос
- Изрендана кора од лимон
- 1 мала лажица песто
- 1 мала лажица сенф во зрна
- Маслиново масло, оцет балсамико,
- сол и бибер
Салата со сос од авокадо, лимон и лук
Потребни состојки:
- 1 рукола
- Пола марула
- 4 ротквици
- 1 конзерва пченка
Состојки за сосот:
- 1 авокадо
- 1 младо лукче
- Пола китка магданос
- 2 големи лажици маслиново масло
- Сол и бибер
- Сок од 1 цеден лимон
Состојките за сосот се блендираат.