Направете Бомболони – полнети, меки, италијански крофни од Тоскана
Овие италијански мини крофни кои се карактеристични за регионот Тоскана се нарекуваат Бомболони. Традиционално се полнат со крем од ванила, но лесно може да го замените со чоколаден крем, Нутела, џем или нешто друго слатко по ваш избор.
За разлика од нашите крофни кои најчесто ги посипуваме со шеќер во прав, Бомболоните се посипуваат со најобичен, бел, рафиниран шеќер.
Потребни состојки:
- 200 ml млеко
- 1 лажица шеќер
- 6 g квасец во прав
- 250 g меко брашно
- 250 g тврдо брашно
- прстофат сол
- 50 ml масло
- малку рендана кора од лимон или портокал
- 3 жолчки
- масло за пржење
- рафиниран шеќер
- Нутела, крем од ванила, џем (по избор).
Начин на подготовка:
1. Во млекото додадете го квасецот и шеќерот и оставете го 10-15 мин. да се активира. Во подлабок сад помешајте ги двата типа на брашно, додадете сол, рендана кора од 1 лимон или 1 портокал (по желба), масло и 3 жолчки.
2. Добро измешајте, а на крајот додадете го млекото во сувата мешавина. Замесете меко тесто и оставете го да отстои покриено околу 45 минути до 1 час.
3. Набрашнете ја работната површина и расукајте го тестото. Со модла или чаша извадете кругови во саканата големина (најдобро е да бидат помали). Покријте ги со крпа и оставете ги да нараснат уште 20-тина минути.
4. Пржете ги во загреано масло додека не добијат убава златножолта боја. Ставете ги врз салфетки со цел да се впие вишокот масло и извалкајте ги во крупен, бел шеќер.
5. Потоа со помош на шприц наполнете ги со крем по избор. Јадете додека се топли.
(О)Милена | Црнобело