Пробајте: Шведски слатки ролнички со цимет и путер
Ако бурекот или симит-погачата се обележје на балканските простори, тогаш овие шведски ролнички со цимет се дефинитивно препознатлив кулинарски симбол на скандинавската кујна.
Нивното оригинално име гласи Кanelbullar и одат одлично во комбинација со кафе.
Толку се популарни што имаат и свој посветен ден во шведскиот календар - 4-ти октомври.
Доколку точно го следите рецептот, тој ќе ве трансфомира од надежен во професионален пекар.
Изненадете ги домашните и пријателите со овие вкусни ролнички со цимет и уживајте во неодоливата арома на специјалниот додаток, зачинот кардамом.
Потребни состојки:
За тесто:
- 150g путер
- 500ml млеко
- 50g свеж квасец
- 1 кафена лажичка сол
- 85g бел шеќер
- 2 кафени лажички здробено семе од кардамом, по желба (може да го најдете во подобро снабдени продавници за зачини и здрава храна)
- 900g бело брашно
За фил:
- 100g путер на собна температура
- 85g бел шеќер
- 3-4 супени лажици мелен цимет
Декорација:
- 1 матено јајце
- 3-4 лажици украсен крупен шеќер или сечкани бадеми
Начин на подготовка:
Стопете го путерот во длабок сад и додадете го млекото. Загрејте на температура до 37 степени.
Здробете го квасецот во сад за матење, додадете го млекото и мешајте додека не се растопи квасецот.
Додадете ја солта, шеќерот, здробеното семе од кардамом и скоро целата количина на брашно. Зачувајте малку брашно за подоцна.
Измесете го тестото додека не се изедначи и веќе не се лепи по рабовите на садот за месење. Оставете го тестото да отстои околу 30 минути, покриено со чиста крпа.
Префрлете го тестото на површина посипана со брашно и пресечете го на половина. Направете две долги правоаголни плочки со дебелина од околу 1,5 сантиметри.
Намачкајте го путерот и испрскајте одозгора со шеќер и цимет.
Почнувајќи од подолгата страна, истегнете го тестото и свиткајте го во облик на две ролни. Исечете ја секоја од ролните на парчиња (треба да добиете околу 45-50 ролнички) и ставете ги, свртени со „лицето“ нагоре на хартија за печење. Покријте ги со крпа и оставете ги уште 30 минути за да се крене тестото.
Загрејте ја рерната на 225 степени. Намачкајте ги ролничките со белка од јајце и украсете ги со крупен шеќер и бадемови снегулки.
Печете ги ролничките од 8-10 минути.
Пријатен сладок апетит!
(О) Милена | Црнобело