Рецепт на денот: Брзи крокети од тиквички со ѕаѕики сос
Префинета комбинација од тиквички и фета сирење во залчиња крокети пржени додека не добијат златножолта боја. Звучи вкусно, а исто толку и едноставно за подготовка.
Летниот период изобилува со тиквички, па зошто да не се искористат за подготовка на оброк кој може да го послужите и како предјадење и како главно јадење?
Потребни состојки:
- 400g Изрендани тиквички
- 100g Фета сирење
- 1 Чешне лук
- 2 Млади кромидчиња
- 1 Јајце
- Сол и бибер
- 30g Брашно
- 15g Лебни трошки
- Малку брашно за тркалање на крокетите
- Масло за готвење
Подготовка:
Ренданите тиквички посолете ги и оставете ги 10-тина минути да ја пуштат течноста. Потоа префрлете ги во сад и добро исцедете ги од течноста.
На исцедените тиквички додајте ги фетата, лукот, кромидчињата, јајцето, солта и биберот, брашното и лебните трошки. Добро измешајте ги состојките додека не добиете еднолична смеса.
Со мала лажичка земајте дел по дел од смесата и направете мали кугли тркалани во брашно.
Загрејте го маслото и пржете ги крокетите се додека не добијат златножолта боја.
Готовите крокети можете да ги сервирате со ѕаѕики сос кој можете да го направите по оригинален домашен рецепт.