Вкусна бајадера торта која се топи во уста
Нема кој не ја обожава бонбониерата со бајадера, па уште ако може да уживате во големо вкусно и кремасто парче торта, тоа би било вистинско задоволство. Сега наместо да купувате мали бонбони може да направите торта од која секој залак ќе ви се топи во уста.
Потребно ви е тесто и 3 филови за да го постигнете ефектот, но вкусот вреди и за трудот и за времето.
Потребни состојки:
Тесто:
- 6 јајца
- 6 лажици шеќер
- 6 лажици мелени ореви
- 5 лажици брашно
- Пола кесичка прашок за печиво
- 3 dl Фанта
Прв фил:
- 300 g мелена плазма
- 100 g чоколадо
- 2 dl Фанта
- ½ маргарин
- 50 g шеќер во прав
Втор фил:
- 200 g мелени ореви
- 1 dl млеко
- ½ маргарин
- 50 g шеќер во прав
Трет фил:
- 750 ml млеко
- 3 пудинзи
- ½ маргарин
- 50 g шеќер во прав
- 300 g шлаг
Подготовка:
Со миксер изматете ги 6-те белки и 6-те лажици шеќер, па додавајте една по една жолчка. Со лажица мешајте и додајте 5 лажици брашно, пола печиво, 6 лажици мелени ореви.
Печете го тестото на 180 степени околу 20 минути. Откако ќе се испече и излади потопете го со 3 dl сок Фанта.
За првиот фил изматете пола маргарин со 50 g шеќер во прав, па додајте 100 g стопено чоколадо и мешајте додека не се соедини, па додајте 300 g измелена плазма и 2 dl Фанта.
За вториот фил 200 g мелени ореви прелијте ги со 1 dl топло млеко, а во изладеното додајте го изматениот маргарин со прав шеќер.
За третиот фил ставете 500 ml млеко да зоврие, па сварете 3 разматени пудинзи во 250 ml. Изладениот пудинг мешајте го одвреме-навреме за да не ви фати кора на врвот. Изладениот пудинг соединете го со пола маргарин и 50 g шеќер во прав.
Преку натопената кора се става прво филот од мелена плазма, па половина од третиот фил, па филот од ореви и останатиот дел од пудингот, а на крај преку сè намачкајте со шлаг или стопено чоколадо.