Без печење: Рафаело бомбици од пудинг
Ви предлагаме да ги послужите во секој дел од денот, за секоја пригода, за млади и стари - сите подеднакво ќе ги обожаваат и ќе уживаат во нив.
Потребни состојки:
- 2 пудинзи со вкус на ванила
- 5dl млеко
- 5 лажици шеќер
- 2 пакетчиња ванилин шеќер
- 200g путер
- 200g шеќер во прав
- 150g + 80g брашно од кокос
- 80g печени лешници
Подготовка:
Пудинзите, шеќерот и ванилиниот шеќер сварете ги во млекото и оставете да се олади до собна температура.
Ставете пластична фолија и повремено мешајте за да не се направи кора.
Путерот и шеќерот во прав изматете ги додека не добиете пенаста смеса, па додајте ја во пудингот и измиксирајте. Додадете 150g кокос, измешајте и оставете во фрижидер да се олади и стегне.
Правете топчиња од оладената смеса, во средина ставете лешник и извалкајте ги во кокос.
Послужете со омилениот чај, после ручек или после слатко кафе.
Важно: Од овие состојки ќе добиете околу 70 топчиња. Ако ви се многу, секогаш може да ги преполовите состојките.