Подгответе: Леден брег - кремаст колач со Плазма
Едноставен и брзински колач кој се прави за околу 20 минути, без печење и не бара посебни кујнски вештини или алатки.
Можете да го направите уште денес затоа што состојките му се прилично едноставни и веројатно ги имате дома.
Потребно ви е:
- 300g Плазма
- 400ml млеко
- 300ml слатка павлака
- 1 ванилин шеќер
- 2 пудинзи со вкус на банана
- 4 лажици густин
- 3 жолчки
- 7 лажици шеќер
- 300g маргарин
- 1 банана (да не е презреана)
- Млеко за топење на бисквитите
- Шлаг по желба
Подготовка:
Промешајте го млекото со слатката павлака и одвојте 1dl, а останатата течност ставете ја на шпорет и загревајте.
Промешајте го ванилиниот шеќер со пудингот и густинот, додадете ги 3-те лесно изматени жолчки и 7-те лажици шеќер. Во тоа додадете ја одвоената мешавина од млеко и павлака (1dl) и мешајте додека не исчезнат сите грутки.
Ставете ја мешавината во млекото и варете додека не добиете густ крем. Прекријте го кремот со проѕирна фолија и ставете го да се олади.
Кога кремот ќе биде изладен, изматете го маргаринот со бананата и прелијте со неколку капки лимонов сок за да не потемни. Во смесата додавајте го оладениот крем и мешајте со миксер додека не добиете густа смеса.
Плазма бисквитите натопете ги во млеко и редете 4x4 бисквити, па крем. Вториот ред треба да биде 3x4, третиот 2x4 а последниот ред 1x4. Помеѓу нив добро измазнете го кремот.
Украсете по желба.