Здрав водич за чување на овошјето во текот на летото
Сезоната на свежите плодови е во полн ек, а понудата никогаш не била побогата. Сепак, високите температури си го прават своето, па така неретко се случува да фрлите голема количина на презреано овошје.
Оние искусните советуваат да купите овошје во средината на сезоната и да го сочувате со помош на само еден трик – замрзнување на свежите плодови.
Замрзнувањето на намирниците и одржувањето на нивната температура на -18 степени ги забавува хемиските и ензимски реакции и во потполност го оневозможува развојот на микроорганизми.
Во едно, методот за брзо замрзнување не побарува додатни конзерванси и притоа составот, формата, витамините и вкусот на овошјето остануваат непроменети.
Затоа, еве што треба да направите со секој летен плод поединечно:
Цреши - Не морате да ги чистите од семките, ниту пак да ги обработите на посебен начин, но затоа е многу важно добро да ги измиете. Отстранете ги рачките и ситните листови, па замрзнете ги.
Вишни - Можете да ги зашеќерите пред замрзнувањето. Не морате да ги чистите семките, а старите домаќинки тврдат дека е многу полесно да чистите замрзнати вишни, отколку свежи.
Шумско овошје - При замрзнувањето на овошјето како што се боровинките, малините, капините и јагодите добро е да ги пропрскате со шеќер за да го сочуваат вкусот. Исчистете ги од зелените ливчиња и добро измијте ги.
Праски и кајсии - Добро измијте ги и извадете им ги семките. Не треба да ги зашеќерите како останатите плодови, но добро би било при процесот на одмрзнувањето да го направите тоа. На тој начин ќе им ја вратите аромата.
Јаболка - Најдобро е јаболката комплетно да ги исчистите и изрендате. Така ќе имате готов фил за правење на пити и колачи. Најдобро е да не ги зачинувате пред замрзнување, затоа што не знаете за што ќе ви затребаат.