Разладување со домашен сладолед од ментол
Подготвувањето на сладолед е моментално најевтината, а воедно и највкусната опција за летно освежување и подигање на расположението.
Но, за промена подгответе си нов вкус кој ќе ви го разубави денот. На пример, денес подгответе си сладолед од ментол и додадете го во овошниот шејк, чоколадниот десерт или во вечерната овошна салата.
Рецептот за овој ледено сладок деликатес е следниов:
Состојки
- 1l млеко
- 8 жолчки
- 400g шеќер
- 4dl слатка павлака
- Ванилин шеќер
- 100g чоколада
- 1 ½ шолја свежи листови нане
Измиените листови од нане потребно е кратко да ги проварите во млекото и да го оставите околу 1 час да се олади. Оладеното млеко процедете го, а листовите нане испасирајте ги и обидете се да извлечете што повеќе сок можете. Ако сакате, може да оставите дел од листовите во млекото.
Млекото во кое се вареше нането повторно вратете го на шпоретот додека да проврие, а потоа додадете ги жолчките, шеќерот и ванилата. Мешајте додека не добиете густа и кремаста смеса.
За крај, во млекото и жолчките додадете ја слатката павлака и оставете ја да се олади. По желба додадете зелена прехранбена боја, па добиениот сладолед оставете го во замрзнувач 3-4 часа.
По неколку часа претурете го целиот сладолед во голем пластичен сад, изрендајте го чоколадото и измешајте со миксер додека не добиете поголем волумен на смесата.
Вратете го сладоледот во садот во кој го ладевте и оставете го да отстои преку ноќ.