Подгответе: Вкусно топено сирење
Сите вистински љубители на сирењето не може, се вистински обожувачи на топеното сирење. Сирењето е најубаво кога специјално ќе се подготви со додаток на зачини и сувомеснато и сето тоа ќе се растопи во земјен сад во фурна. Нема некој што може да му одолее.
Ова е рецептот за да подготвите специјално топено сирење со бешамел сос
- 150 гр фета сирење
- 100 гр овчо сирење
- 100 гр кашкавал
- 150 гр чадено или сушено месо, печеница, кулен или она што вам ви се допаѓа
- 2-3 лажици доматно пире, сос, кечап
- 2-3 лажици бешамел сос
- 1 лажица кисела павлака
- оригано, шампињони
* Бешамел сос
- 1 лажица (30 гр) путер или маргарин
- 1 ½ лажица брашно
- 250-300 мл млеко
- Во тавче на загреан оган ставете го маргаринот да се растопи и во него додадете го брашното, а потоа постепено и млекото, Мешајте додека не се згусне.
Подготовка:
Најпрво земјениот сад се премачкува со маргарин или малку масло. Се става парчето фета сирење и се распоредува на дното со виљушка. Врз него се посипуваат 1-2 лажици од бешамел сосот.
Се додава еден ред од маринираните шампињони. Над нив се додава доматното пире. Малку оригано заради арома. Сувомеснатото исечкајте го на поситни парчиња и распоредете го.
Врз сето тоа нарендајте кашкавал, па премачкајте го со уште 1 до 2 лажици од бешамел сосот во кој доколку сакате може да додадете и кисела павлака.
Над овој слој додадете го издробеното овчо сирење и врз него изрендајте го преостанатиот кашкавал.
Вака подготвените садови ставете ги во рерна на 200 степени и печете ги додека кашкавалот одозгора убаво не се растопи.
Послужете го и вкусете го додека е топло. Најубава дегустација е со топли крцкави лепчиња - фурнаринки.