Чај од топен шеќер - совршен пијалок за зимските денови
Дали ви се допаѓа мирисот и вкусот на топена карамела? Доколку одговорот е да, овој чај чија арома потсeтува на топена карамела е совршен пијалок за вас во претстојните ладни денови.
Не двоумете се дали да го испробате овој чудо кое се приготвува на многу лесен начин во само три чекори.
Се што ви е потребно се 6 супени лажички шеќер и една чаша ладна вода.
Ставете ги лажичките шеќер во едно ѓезве и оставете да се растопaт, а во меѓувреме мешајте за да добиете еднолична смеса која треба да има медова боја.
Откако ќе забележите дека шеќерот се стопил целосно, додадете ја чашата вода во ѓезвето и започнете да мешате се додека не зоврие.
На почетокот на мешањето лажицата можеби малку ќе заглави бидејќи стопениот шеќер ќе стврдне поради ладната вода, но истиот ќе се раствори при зовривањето и на чајот ќе му даде убава костенлива боја со арома на карамела која ќе ја почувствувате уште при првата голтка.
Послужете си го чајот во омилената шолја и уживајте во ова едноставно задоволство кое ќе ви го стопли целото тело.
По желба, може да додадете неколку лажички млеко, ванила арома или цимет.
На здравје!