Направи сам проект: Пар од Скопје ѝ даде нов лик на „фотелјата од баба“ (фото)
„Целиот концепт ни беше замислен за фотелја од дрво која ќе трае низ години и ќе биде удобна, но низ салоните беа прилично скапи - барем оние ние што ни се допаѓаа, па се одлучивме за реставрирање на стара, ретро фотелја“, раскажува Александра Пренџова (30) од Скопје и открива колку ги чинел овој „направи сам“ проект.
Александра Пренџова (30), по професија диетолог, со сопругот и синчето живее во стан од 67 м2 во Скопје.
Таа постојано прави измени во ентериерот на домот и неретко со сопругот имаат мали „направи сам“ проекти.
Последниот во низата ќе биде одлична инспирација за сите, затоа што во последно време тренд е да се реставрираат фотелјите од домовите на нашите баби и дедовци и тоа токму овој модел, кој го реставрирале Александра и нејзиниот сопруг.
Таа на својот Инстаграм профил откри како изгледала целата процедура и колку ги чинел овој „направи сам“ проект:
„Веројатно последната сликичка од дома за оваа година пред да си украсиме за Нова Година.
Бидејќи објавувам ретро по делови низ цела година од нашето цело реновирање на ова домче, мислев дека е убаво да се спомне и за фотелјата.
Целиот концепт ни беше замислен за фотелја од дрво која ќе трае низ години и ќе биде удобна, но низ салоните беа прилично скапи - барем оние ние што ни се допаѓаа, па се одлучивме за реставрирање на стара, ретро фотелја. Има работилници што и денес изработуваат идентични вакви, но тоа е од иверка, и мислам дека дрвото што го имаат овие старите си нема цена и време на траење едноставно.
Внимавајте при изборот- Првата што ја земавме беше цела црвјосана, па тој обид беше неуспешен, потоа најдовме соодветна и го започнавме процесот.
Мојот сопруг Илија ја иструга, ја излакира и ја претапацираше, па го добивме тоа што е денес.
Добра зачувана фотелја може да се најде за околу 2.000 денари, материјалот беше околу 3.000 денари, и не знам колку би чинела работна рака за сето тоа, но верувам дека на крајот сметката излегува помала.
На нас ни испадна фотелјата точно по мерак, односно ‘како сакаше жена ми’.“
Погледнете како комплетно изгледа домот на Александра - Во домот на Александра: Стан во Скопје во кој сите соби се со различен стил (фото)
С. С. | Црнобело