Три парчиња мебел од кои можете да се ослободите без да жалите
Ако негувате модерен стил на уредување во вашиот дом, треба да бидете доследни на него кога е во прашање мебелот.
Секако, приоритет е да го имате она што ви е навистина потребно и што го користите, наместо да ги преполнувате собите со ситници кои ќе бидат само за украс.
Иако не е лесно да се ослободите од мебелот, ниту пак е исплатливо да купувате нов на неколку сезони, со некои помали парчиња можете почесто да експериментирате.
Следниве совети се особено практични ако живеете во мал стан:
Ослободете се од големите масички за кафе
Масичките покрај гарнитурата некогаш се произведувале доволно големи за и на нив да можете да дочекате помалку гости, а во долниот дел да ги складирате сите книги, весници и сè што не треба да стои врз масата.
Внесете модерност во просторот со неколку навистина мали масички наместени една покрај друга (некои салони за мебел нудат комплет од три или повеќе мали масички за ваква намена). Така ќе можете да ги спојувате и раздвојувате и да ги користите за првичната намена - само за кафе.
Ноќни масички што заменуваат плакар
Наместо да имате ноќна масичка која ви служи како мини-плакар за вашата долна облека и други лични предмети, импровизирајте со висечки полици.
Ноќната масичка ви е потребна за да поставите ламба и да имате каде да ги оставите очилата, мобилниот телефон или книгата, па навистина ви е доволна само една полица.
Големи комоди за телевизорот
Во денешно време нема толку голема потреба покрај телевизорот да ги поставувате и ДВД-плеерот и музичкиот систем, бидејќи поголемиот дел телевизори самите ги имаат тие опции.
Многу помодерно е доколку денешните рамни и тенки телевизори ги закачите на ѕидот или одберете ниска, минималистичка комода на која ќе го поставите. Сè друго е само залудно потрошен простор.
Е. Д. | Црнобело