Што да ставите на елката кога обичните лампиони ќе ви досадат?
Новогодишните елки некогаш можат да бидат многу поинакви и покреативни од она на што сме навикнале...
Па, ако ви се досадија лампионите од минатите години, ова се неколку подеднакво шарени и магични алтернативи:
Во бои на виножитото
Ако сакате да имате живописно и интересно дрво, обезбедете поголема количина пластични топчиња во неколку бои и густо закачете ги. Внимавајте од врвот да тргнете со посветли топки (и помали), а да завршите со потемни и поголеми.
Елка во еден тон
Овој ефект наједноставно е да се постигне со набавка на вештачка елка во бела боја, која дополнително ќе ја украсите исклучиво со бели украси.
Ленти и панделки
Купете украсни ленти (од различни материјали, по желба) кои не се скапи и сами изработете украси: панделки, топчиња, цвеќе... или едноставно дозирано и со вкус распоредете ги лентите по дрвото.
Цвеќе
Ако сте љубител на цвеќето, оваа страст може да ја искористите за Нова година. Украсете ја елката со цвеќиња по ваш избор. Цвеќето може да биде и живо, но во тој случај нема да издржи цели празници. Подобра опција е украсно цвеќе од ткаенина која може прекрасно да се вклопи во зелена заднина, особено ако се работи за бели или црвени примероци.
Семејна тема
Оваа Нова година претворете ја својата елка во семеен фото-албум. Како да го направите тоа - само вашата фантазија е граница. Ако не сакате да се мачите многу, тогаш отпечатете ги своите семејни фотографии, исечете ги во штосни облици и со помош на декоративни ленти закачете ги на елката. Ако пак сакате да ви траат украсите, можете за нив да направите рамки од картон или од штица.
Единствена тема
Се сметате за компјутерски гениј? Или живеете со таков? Декорирајте ја елката со цедиња, стари дискети, жици за компјутер... За оние што сакаат музика искористете украси во облик на музички инструменти или фотокопирани ноти од омилените песни. Ако сакате автомобили, украсете ја елката со украси во облик на автомобили или играчки мали автомобилчиња. За декорација може да ви послужат и автокарти.
Снежна елка
Направете вистинско снежно задоволство во топлината на собата. Ќе биде доволно божикна елка и обична медицинска вата расфрлана по гранките. Дополнителен ефект на снег се постигнува со вештачки снег од спреј.
Овошно дрвце
Зошто елката да не биде украсена со различни овошки? Изгледа многу атрактивно и интересно.Може да користите вистински јаболка и мандарини или сушени тркалца на лимон и портокал. Останатото овошје пробајте да го обезбедите во вештачки облик. Освен што симпатично изгледа, и убаво мириса.
Како Ивица и Марица
Ако имате време и волја, испечете кекси во неколку различни облици и бои и закачете ги на елката. Можете да користите модли со ѕвездички, букви, животни...
Подароци на елката
Кој вели дека подароците мора да бидат исклучиво под елката? Ако не се преголеми и претешки, слободно закачете ги на дрвото, секако, претходно завиткајте ги во шарена хартија и панделки. Тоа ќе биде големо изненадување за сите.
М. К. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





