На гости кај Даниел: Стан во срцето на Дебар Маало со впечатлива кујна и поглед кон Водно (фото)
- Детали
- сабота, 28 јануари 2023
„Идејата зад станот беше да се создаде атмосфера на уметничко студио или ателје, каде фокусот ќе биде современата уметност на ѕидовите, а мебелот микс на современ стил и винтиџ парчиња од 60-тите и 70-тите“, споделува Даниел Николовски (30) од Скопје за CRNOBELO.com.
Даниел Николовски (30) од Скопје, по професија дизајнер на ентериер и мебел има стан од 65m2, кој се наоѓа во срцето на Дебар Маало, Скопје.
Секој детаљ е уреден според негов вкус и целиот стан е една хармонична целина.
Во него преовладува петролеј бојата.
За уредувањето на домот, Даниел споделува за CRNOBELO.com:
„Идејата зад станот беше да се создаде атмосфера на уметничко студио или ателје, каде фокусот ќе биде современата уметност на ѕидовите, а мебелот микс на современ стил и винтиџ парчиња од 60-тите и 70-тите.
Омилен простор во станот ми е кујната. Кујната во овој стан претставува простор за социјализирање, конверзација и забава.
Тоа е најмногу овозможено преку големиот остров што се користи за готвење и јадење.
Материјалите се мат и суптилни, плотната е матиран црн гранит, што речиси делува како црн примитивен камен со благарапавост, а вратите од кујната се излакирани во темно зелена боја.
Амбиентот е украсен со 3 златни висечки сијалици и уметничко дело (графика) од Ана Спасова.
Омилен детаљ ми е конструкцијата на библиотеката. Библиотеката е составена од лебдечки полици и долен елемент направен од ОСБ плочи офарбани бели, каде природната текстура на ОСБ-то е видлива.
ОСБ плочата е една од најевтините дрвени плочи, но само со употреба на еден слој боја може одлично да се вклопи во просторот.
Библиотеката е местото каде што сакам да се изгубам во мисли, таму често работам, скицирам и читам.